СЛОВЕНИЈА ЌЕ ИЗДАДЕ „ПАНДА ОБВРЗНИЦА“ Се очекува дека ќе привлече кинески инвеститори
„Панда обврзниците“ се обврзници деноминирани во кинески јуани што странските издавачи ги продаваат во Кина.
Словенија планира да издаде „панда обврзници“ во вредност од 5 милијарди јуани (700 милиони долари) следната година, како дел од стратегијата за понатамошно отворање на својата економија во услови на зголемени трговски тензии и промени во индустриските политики на САД и Кина.
„Панда обврзниците“ се обврзници деноминирани во кинески јуани што странските издавачи ги продаваат во Кина.
Министерот за финансии Клемен Боштјанчич за време на неодамнешната посета на Пекинг изјави дека Словенија „сака да ја прошири базата на инвеститори“.
Словенија, членка на еврозоната, е една од ретките земји што издаваат „панда обврзници“, формат што почесто го користат мултинационалните компании.
Со тоа Љубљана ја сигнализира својата желба да воспостави поблиски односи со Пекинг, и покрај притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп врз Европа да заземе построг став кон Кина.
Боштјанчич рече дека помалите земји како неговата се многу повеќе изложени на нарушувања во глобалната трговија предизвикани од „невидените царини“ на Вашингтон и воведувањето на сеопфатни контроли на Пекинг врз извозот на критични суровини.
– Тоа е нешто што светот не го видел можеби дури ни 100 години. Особено е предизвикувачки за мали, отворени економии како нашата- изјави тој за британскиот бизнис весник „Фајненшл тајмс“.
Боштјанчич рече дека во сегашната средина, дури и малите членки на ЕУ мора да негуваат директни односи со големи земји како Кина.
-Ги засиливме билатералните средби со кинеските претставници затоа што не можеме да чекаме. Мора да ги заштитиме нашите интереси – рече Боштјанчич.
Тој додаде дека се надева дека со издавањето на „панда обврзници“ Словенија ќе го повтори успехот на издавањето на „самураи обврзници“ во Јапонија.
Словенија издаде и обврзница базирана на „блокчејн“.
Компании сè повеќе се одлучуваат за „панда обврзници“ привлечени од пониските каматни стапки и желбата да го диверзифицираат издавањето на валута и инвеститорската база.
Во последниве години, „панда обврзници“ издадоа и некои суверени заемопримачи, вклучувајќи ги Португалија, Унгарија и Египет, но ова претставува само мал дел од глобалниот пазар на суверен долг.