Словачка и Чешка: Одредени ентитети шират неточни информации дека влијаеле на нашите одлуки за вето на заклучоците на ЕУ
Амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш и заменик-амбасадорот на Чешка, Лубомир Пшенка, во заедничка изјава велат дека не постои ентитет од Северна Македонија што влијаел на одлуките на Братислава и Прага да ги блокираат предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето.
– За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братислава поврзани со процесите во самата ЕУ. Ниту чешката, ниту словачката дипломатија се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои можеле да влијаат на процесот на донесување одлуки во Прага и во Братислава – велат во изјавата словачкиот амбасадор и заменик амбасадорот на Чешка.
– Ако постоеле такви напори, таквите активности не стигнале до релевантните актери, односно до лицата што носат одлуки во Чешка и во Словачка. Одлуките на министрите Петричек и Корчок беа донесени без какво било влијание од ентитет од Северна Македонија – се наведува во заедничката изјава на амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш и заменик-амбасадорот на Чешка, Лубомир Пшенка.