„СЛОБОДНО ОТВОРИ ЈА БОНБОНИЕРАТА, НЕ МИ ПРЕЧИ…“ Сергеј Трифуновиќ ѝ одржа лекција за однесување во театар на публиката во Ријека
Филозофската драма за проф. Бели и екс-затвореникот Црни, постојано била прекинувана со известувања од мобилните телефони, мрморење од публиката, шушкање, а Трифуновиќ, според наводите, постојано се осврнувал и на кашлање...
Во театарот во Риека, Хрватска, при изведба на претставата „Ѕвезден воз“ на Белградскиот театар, со Воислав Брајовиќ и Сергеј Трифуновиќ во главните улоги, се случил своевиден „несакан настан“ меѓу глумците и публиката, пишува „Вечерњи лист“.
Имено, посетители раскажуваат како Трифуновиќ се шетал на сцената, на моменти видно изнервиран, а едно момче постојано го сликало и снимало. Во еден миг, глумецот му пришол на гледачот, му го одзел мобилниот телефон и го фрлил на подот. Следело ракоплескање од другите присутни.
Меѓутоа, постојаното гледање во мобилен не е единственото нешто коешто му пречело на српскиот глумец. Изведбата на филозофската драма за проф. Бели и екс-затвореникот Црни, постојано била прекинувана со известувања од паметните телефони, мрморење од публиката, шушкање, а Трифуновиќ, според наводите, постојано се осврнувал и на кашлање во публиката што не можело да се занемари.
– Во еден миг, обраќајќи се кон првиот ред, рече дека може слободно да ја „отвори бонбоната“ бидејќи тоа воопшто не им пречи, а потоа на присутните им порача дека само тие (глумците) треба да разговараат, бидејќи „нема смисла да се натсинхронизираат“ – сведочи еден гледач.
Бесплатната претстава пред љубителите на театарот ја претставија Советот на српското национално малцинство во Приморско-горската жупанија во Хрватска и Српското културно друштво „Просвјета“.