СЛЕДУВА ПОТОП, ПОРТОКАЛОВ АЛАРМ ЗА ОБИЛЕН ДОЖД Ќе се формира дебела снежна покривка на планините
Ќе има обилни врнежи од дожд, на повеќе места над 30 литри на квадратен метар, а локално и над 50 литри на квадрат. На планините врнежите ќе преминат во снег и ќе се формира значителна снежна покривка, се вели во предупредувањето на УХМР.
Управата за хидрометеоролошки работи издаде потрокалов метеоаларм за утре, 2 октомври.
„Ќе има обилни врнежи од дожд, на повеќе места над 30 литри на квадратен метар, а локално и над 50 литри на квадрат. На планините врнежите ќе преминат во снег и ќе се формира значителна снежна покривка“, се вели во предупредувањето на УХМР.
Најмногу снег се очекува на повисоките планини на северозапад. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Најстудено ќе биде во Маворо, со утринска температура од 1 степен, и дневна до само 3 степени. Најтопло ќе биде во Гевгелија, со дневна температура до 13 степени.

Во Скопје утре времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Температурата ќе достигне до 11 степени Целзиусови.
Под влијание на влажен и студен бран до петок времето ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат обилни. Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, утре на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места.
На повисоките планини ќе се формира значителна снежна покривка.
Од сабота времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури кои ќе одат и во минус, а дневните ќе бидат во пораст.

Алармите за предупредување на населението од временски непогоди се издаваат во жолта, портокалова и во црвена боја и се дел од системот за метеопредупредувања во Европа. Жолт аларм значи умерена опасност од временските прилики, со можност за умерени последици по околината, портокалов значи дека опасноста е голема, а црвениот аларм предупредува за екстремна опасност, со можност за катастрофални последици по луѓето, нивните имоти и по околината.
Алармите се издаваат за различни временски прилики и појави: за ветер, дожд, горештина, студ, снег, мраз, грмотевици, крајбрежни настани, шумски пожари, лавини, поплави, порои, опасности на море и за суша.