Американскиот рапер Ајс Кјуб објави на Твитер фотографија од народната хероина на Југославија, Лепа Радиќ, учесничка во Народноослободителната борба, која Германците во 1942 година ја убиле, во текот на Втората светска војна.
Станува збор за познатата фотографија која била направена во моментот пред да ѝ го стават јажето околу вратот на Лепа, а како што се наведува во историските записи, таа имала само 17 години и тогаш извикала:
„Да живее Комунистичката партија и партизаните. Бори се народе за својата слобода. Мене нека ме убијат, има кој да ме одмазди“.
Под фотографијата што ја објавил славниот рапер, може да се прочитаат голем број коментари во кои дури и се цитираат нејзините зборови, а меѓу коментарите се и:
„Југославија! Таа е херој“, „Смрт за фашизмот, слобода за народот“, „Кралица“…
Инаку, Ајс Кјуб активно на социјалните мрежи објавува твитови за немирите и протестите во САД, предизвикани поради убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, па се претпоставува дека и оваа фотографија од Лепа Радиќ, која што се борела за слобода, ја објавил во тој контекст.
Ајс Кјуб е еден од најголемите хип-хоп активисти и борци за граѓанските права.
Веста за објавата на познатиот рапер ја пренеле и највлијателните светски медиуми – Би-би-си, „Индепендент“, „Фокс њуз“, „Пипл“ и многу други, но ниту еден од тие медиуми не истакнал дека станува збор за Југословенка, хероина која страдала, туку сите го пренеле како „руска пропаганда“.
— Ice Cube (@icecube) June 9, 2020
ФОТО: Твитер