Слави Трифонов во чевлите на Каракачанов ќе ѝ го подгазува фустанот на Македонија

Задачата да ѝ се покажуваат мускули на Македонија сега ќе ја има Слави Трифонов, исто како што претходно ја имаше Красимир Каракачанов, велат аналитичарите.

3,867

Бугарскиот шоумен и лидер на политичката партија Има таков народ, Слави Трифонов, е на чекор да формира нова малцинска влада во Бугарија, оти, како што стојат работите по изброените 95 отсто од гласовите на парламентарните избори што викендов се одржаа кај нашиот источен сосед, тој има блага предност пред десната коалиција ГЕРБ/СДС.

Новата бугарска влада, како што посочуваат политичките аналитичари, ќе биде нестабилна и неодржлива на долг рок, но како што велат, сè поизвесно е дека таа ќе биде малцинска и поддржана од трите протестни партии. Единственото нешто што им создава конфузија во пресметките на аналитичарите е најновата изјава на Слави Трифонов дека неговата партија нема да прави коалиции, оти, според него, последниве години зборот „коалиција“ станал лош збор.






Но, главното прашање кое најмногу ја засега Македонија е каков ќе биде односот на Трифонов кон решавањето на македонско-бугарскиот спор, доколку на крајот сепак се исполнат прогнозите на аналичарите дека Трифонов ќе биде новиот бугарски премиер.

Тој уште вчера, додека ги претставуваше приоритетите на неговата влада, сериозно или на шега ја претстави и бугарската вселенска програма и кажа дека меѓу бугарските астронаути ќе испрати и „северномакедонски“ астронаут во Вселената. Со ваквата негова изјава, коментираат домашните аналитичари, Трифонов јасно дава до знаење каква ќе биде неговата политика кон Македонија –

Ништо нема да се смени

Во Бугарија нема да има нови парламентарни избори во блиска иднина и Слави Трифонов сигурно ќе формира влада, прогнозира поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за Плусинфо.

И самиот Трифонов јасно и прецизно кажа дека Македонија треба да го отвори патот кон ЕУ, а не Бугарија.

Ристо Никовски Поранешен амбасадор

Тој вели дека Бугарија нема да ја промени својата политика во однос на решавање на спорот со Македонија, но како што додава, Македонија сега треба сериозно да се закани со откажување на Договорот за пријателство.

– Прво, резултатите не можат да се променат. Второ, Слави Трифонов сигурно ќе формира влада бидејќи ниту една друга партија не може да го направи тоа. Трето, владата ќе биде нестабилна иако во неа веројатно ќе мора да биде вклучена и Партијата на Турците. Сето тоа покажува дека ниту може, ниту треба да се очекува било каква промена на нивната политика кон Македонија. Ако Македонија продолжи со досегашното виткање на ‘рбетот и понизно да дава отстапки, само сè подлабоко ќе пропаѓа во амбисот и ништо нема да постигне. Единствен излез за Македонија на патот кон ЕУ е сериозно да се закани со откажување на Договорот за пријателство со Бугарија, бидејќи тој е основа за непријателски бугарски политики. Во секој друг случај Македонија ќе биде губитник и нема да има ништо од нејзините европски интеграции. Во Бугарија има апсолутен консенузс во однос на политиката кон Македонија и што е најстрашно, целиот народ тоа го поддржува. И самиот Трифонов јасно и прецизно кажа дека Македонија треба да го отвори патот кон ЕУ, а не Бугарија. Од друга страна, Европа не врши притисок врз Бугарија. Америка сака формално земјава да започне преговори, меѓутоа Франција, Германија и Австрија не сакаат проширување на европското семејство – објаснува Никовски.

Трифонов како Каракачанов

Бугарскиот новинар Стојан Георгиев во интервју за ТВ24 вели дека Слави Трифонов е сè поблиску да формира малцинска влада во Бугарија, а во однос на реториката кон Македонија, додава тој, Трифонов сега ќе ја игра улогата којашто досега ја играше Красимир Каракачанов.

– Во овој момент, јасно е дека ќе имаме фото-финиш. Кој и да е победник, тој ќе победи со многу мала разлика. Во моментов разликата е 5.000 гласови, но Слави Трифонов има повеќе поддржувачи Бугари во странство, а тие гласови се само до половина изброени. Така што, ние очекуваме тој да биде прв, но засега и двајцата имаат еднаков број пратеници. Идејата на Трифонов е да направи малцинска влада, негова влада, со тоа што секој ќе може да ја поддржи. Тој нема да бара поддршка од оние партии од кои се очекуваше, односно од оние „партии на протестите“. Слави Трифонов вчера ги искажа своите приоритети за новата влада, а чудно беше тоа што една од сите точки предвидува да имаме вселенска програма, односно во Вселената да испратиме и еден северномакедонски астронаут, како што го нарече Трифонов. Не знам дали тоа беше шега, но јас така го толкувам. Слави Трифонов зазеде една патриотска нишка, па неговите гласачи се оние кои претходно гласаа за патриотите. Сега ВМРО ја нема, никој не гласаше за оваа партија, а тоа е така затоа што таа фракција ја зазеде Трифонов. Па така, задачата да ѝ се покажуваат мускули на Македонија сега ќе ја има Трифонов, исто како што претходно ја имаше Красимир Каракачанов – објаснува Георгиев.

Поврзани содржини