СЛАВЕСКИ ГИ ПРОВЕРИ МАКЕДОНСКИТЕ ЗЛАТНИ РЕЗЕРВИ ВО БАНКАТА НА АНГЛИЈА Ги разгледа и можностите за пристап до пазарот за злато во Лондон
Славески оствари повеќе работни средби со високи претставници на Банката на Англија, меѓу кои и со гувернерот Ендрју Бејли, со главниот економист на Банката на Англија, Хју Пил, и со заменик-гувернерката Сара Бриден.
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари работна посета на Банката на Англија во Лондон, за засилување на билатералната соработка и за размена на експертски искуства со една од најстарите и најзначајни централни банки во светот, информира Народна банка.
Славески во рамки на престојот го посети и трезорот на Банката на Англија каде што се чуваат македонските златни резерви.
„Особено значаен дел од агендата беа активностите поврзани со управувањето со златните резерви. Во тој контекст, беше организирана посета на трезорот на Банката на Англија, каде што Народната банка ги чува резервите во монетарно злато, заради подобро запознавање и увид во оперативните процедури за чување и ракување со монетарното злато, сигурносната заштита и во можностите коишто Банката на Англија ги нуди за пристап до пазарот за злато во Лондон, како најголем светски пазар преку шалтер на овој благороден метал“, соопшти Народна банка.
Славески оствари повеќе работни средби со високи претставници на Банката на Англија, меѓу кои и со гувернерот Ендрју Бејли, со главниот економист на Банката на Англија, Хју Пил, и со заменик-гувернерката Сара Бриден.
На средбите се разговараше за актуелните предизвици во спроведувањето на монетарната политика и за технолошките иновации во секторот на финансии.
Славески уште при назначувањето за гувернер на Народна Банка најави дека ќе направи увид на златните резерви кои се чуваат во Банката на Англија.