МАТУРА ВО РАДОВИШ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против фирма од Радовиш и Л.П.(44) од Радовиш, сопственик и управител во фирмата, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 06.09.2020 полициски службеници извршиле контрола во угостителски објект на фирмата и констатирале дека на летната тераса била организирана матурска прослава, спротивно од член 12 од Протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана.
КРАДЕЦ ФАТЕН НА ДЕЛО – На 08.10.2020 околу 22.55 часот на ул.„29 Ноември“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Џ.И.(26) од Тетово, кој се обидел да изврши тешка кражба во возило „фолксваген голф“, со тетовски регистарски ознаки. По лишувањето од Џ.И. биле одземени и три ножеви. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
ДОМА СИ САДЕЛ МАРИХУАНА – На 08.10.2020 полициски службеници од Полициската станица Кичево, врз основа судска наредба, извршиле претрес во домот на И.Ј.(47) од Кичево, при што пронашле и одзеле растенија канабис сатива засадени во саксии и шприцеви со црна течност. По целосно документирање на настанот, ОВР Кичево ќе поднесе соодветна пријава.
УАПСЕН ДИЛЕР НА ДРОГА – ОВР Струга поднесе кривична пријава против К.М.(38) од струшкото село Мислешево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 11.02.2020, при преглед над пријавениот во Струга, полициски службеници пронашле и одзеле кокаин.
ИСТЕПАН БИТОЛЧАНЕЦ – На 09.10.2020 во 02.45 часот во СВР Скопје, С.К.(42) од Битола пријавил дека на 08.10.2020 во 23.55 часот на територија на општина Кисела Вода бил физички нападнат од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ТЕПАЧКА ВО ГАЗИ БАБА – На 08.10.2020 во 18.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 18.30 часот пред продажен објект во општина Гази Баба бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу А.А.(45) од Скопје, од една страна, и Ф.Т.(24) и Б.Т.(55), двајцата од Скопје, од друга страна. Сочинети се записници за константиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
ПРЕГАЗЕН ПЕШАК – На 09.10.2020 во 06.27 часот во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат во с.Кадрифаково, светиниколско, патничко возило „форд фокус“, со светиниколски регистарски ознаки, управувано од Т.Г.(43) од с.Ерџелија, светиниколско, удрило во пешакот С.П.(45) од с.Кадрифаково. Во незгодата, С.П. се здобила со повреди и починала на местото на незгодата. Увид извршила увидна екипа од Полициска станица Свети Николе во координација со Јавен обвинител.
ПОЧИНАТ ВО АВТОМОБИЛ – На 08.10.2020 околу 16.45 часот во СВР Штип било пријавено дека на бензинска пумпа на магистралниот пат Штип-Радовиш, во патничко возило „опел корса“, со струмички регистарски ознаки, бил пронајден починат Р.К.(65). Од екипа на Итна медицинска помош била констатирана смрт. Увид извршиле екипа од СВР Штип и Јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција во Клиничка болница Штип.
НАПАДНАТ ПОЛИЦАЕЦ – На 08.10.2020 околу 21 часот на ул. Теодосиј Синаитски Б.П. (64) нападнал полициски службеник при извршување на службени дејства. Тој бил лишен од слобода и приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
(ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 09.10.2020)