СЛАВЧО НАЈАВУВА ГОЛЕМА ПРОМЕНА НА ВРЕМЕТО Конечно ќе дишеме чист воздух, нѐ очекуваат денови со дожд и со ветер
Попоски објасни дека денеска ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен и од југоисточен правец, кој утре попладне и навечер ќе го промени правецот во северен и ќе биде со засилен интензитет.
Метеопрогнозерот Славчо Попоски открива дека ќе има голема промена на времето веќе од денеска во попладневните и вечерните часови.
– Особено утре кога насекаде ќе има зголемена облачност и врнежи од дожд, додека на планините врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира снежна покривка (на повисоките планински места со висина и од над 20 см). Поради продорот на постуден воздух од север, снежната граница во вторник попладне, навечер, како и во текот на ноќта кон среда некаде ќе се спушти под 1000 метри надморска височина, со што врнежи од дожд и од снег, или од мокар снег ќе има и во некои пониски населени места – вели Попоски за Плусинфо .
Тој објасни дека денеска ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен и од југоисточен правец, кој утре попладне и навечер ќе го промени правецот во северен и ќе биде засилен.
– Поради засилениот ветер, конечно ќе дишеме почист воздух низ котлините, вклучувајќи ја и Скопската Котлина, што значи дека се очекува големо расчистување на воздухот. Температурите значително ќе се намалат и ќе имаме постудени денови – вели Попоски.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека попладнево најпрвин во западните, а во текот на ноќва и во останатите делови ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег, каде што ќе се формира нова снежна покривка.
– Наместа врнежите ќе бидат со пообилен карактер (локално над 20лм2). Од утре попладне врнежите од дожд ќе преминуваат во снег а во некои пониски места ќе има снег со послаб интензитет. Утре и во среда ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Во среда и во четврток ќе преовладува променливо облачно и студено време со повремени слаби локални врнежи претежно од снег. И во Скопската Котлина во текот на ноќва и утре ќе има повремени врнежи од дожд. Утре и во среда ќе дува умерен до засилен северен ветер – информираат од УХРМ.
Декември екстремно топол и просечно врнежлив месец
Според мерењата и набљудувањата на среднодневните температури и врнежи во метеоролошките станици на Република Северна Македонија, месец декември 2022 година, се карактеризира како екстремно топол и просечно врнежлив месец, соопшти УХМР.
Средномесечната температура се движеше од 3,8°С во Маврово до 7,8°С во Гевгелија. Споредено со просечните декемвриски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), декемвриска температура беше 3,4°С повисока од просечната на ниво на држава.
Средната максимална температура варираше од 8,5°С во Маврово до 12,6°С во Гевгелија. Највисоката максимална температура е измерена на 17-ти декември во Битола и изнесуваше 22°С.
Невообичаено високи температури и есенски топлотен бран е забележан од 7 до 12 декември. Во Охрид и во Крива Паланка беше надминат нивниот апсолутен температурен максимум за декември.