СЛАВАТА Е МОМЕНТНА, ПОЛИТИКАТА Е АЛАТКА, НАЈВАЖНО Е ДА ОСТАНЕШ ЧОВЕК Разочараниот Костадинов дели животни лекции од чамец
Политиката, како и животот, е трка на долги стази. Но има нешта што се поважни од сите победи.
Во ова време на брзи одлуки, површни ставови и непрестајна борба за функции, човек лесно може да се изгуби себеси. Но токму таму, на рабовите на вревата, се раѓа вистинската спознание, напиша денеска Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица, на својот профил на Фејсбук.
„Политиката е алатка, но не и смислата на животот. Фотелјата е минлива, но времето со семејството – е вечно. Славата е моментална, но мирот со себеси и со Бога – трае засекогаш. Не вреди да трчаш и да надтрчуваш, кога победата над другите може да значи пораз на себе си, особено кога си надмоќен над конкуренцијата, тоа со сигурност ќе ти ја ослаби позицијата и довербата кај мнозинството. А тоа е луксуз што не смее да се дозволи.
Понекогаш, најголемата победа е да останеш човек“, напиша Костадинов, објавувајќи како гол до појас управува весла на чамец.
Костадинов вчера во објава на Фејсбук најави дека нема да се трка како независен кандидат на претстојните локални избори во октомври. Неговата објава дојде само неколку часа откако тој напиша дека ќе учествува на изборите со две независни советнички листи.
Во објавата, Костадинов рече дека се повлекува за да се врати достоинството на СДСМ. Тој вели дека на неговите сопартијци од СДСМ им требале неполни 24 часа „да си го покажат лицето“ и дека „пуштаат анкети со лајкови по групи на Фејсбук“.
Неговите јавни и гневни реакции следуваат откако на 2 јули претседателот на СДСМ Венко Филипче ги објави нови имиња за кандидати за градоначалници за претстојните локални избори, но меѓу имињата го немаше Костадинов, а кандидат за градоначалник на Струмица ќе биде Марјан Даскаловски, кој е претседател на општинската организација на партија.