СЛАБА ВЛАДА Ѝ ОДГОВАРА НА СОФИЈА Полесно се уценува и се од неа се добиваат гратис ветувања
Пратеникот Антонио Милошоски на Алфа телевизија најави седница на Комисијата за надворешна политика и побара Владата да го обзнани својот план 5+1.
„Остваривме контакт со Бујар Османи и се закажа седница на Комисијата за надворешна политика овој петок во 11 часот. Предлагаме седницата да биде отворена. И очекуваме министерот за надворешни работи не само лично да образложи туку и да ги презентира пред пратениците, да ги подели како документи, одговорите кои што од македонска страна се испратени до официјална Софија за т.н. план 5+1“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕм при гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Милошоски посочи дека доколку Владата нема што да крие и нешто што е сензитивно за јавноста, или пак неповолно за Македонија, би било природно да дојде во Собранието и да ги изложи своите ставови и потоа да добие поддршка од Собранието, или можеби некакви сугестии за настапот во Софија.
– Затоа сметаме дека самата Влада ги крие позициите кон Софија дури и од сопствените пратеници кои што се членови на СДСМ и ДУИ. И во тој дел гледаме дека се комплетно нетранспарентни – заклучи Милошоски.
Toj рече дека ниту опозицијата, ниту пак pарламентот не биле консултирани за позициите кон Бугарија кои што се видоа преку јавноста од премиерот Димитар Ковачевски. Затоа се смета дека се нелегитимни и спорни.
– Нашите соседи, но и внaтрешни политички актери, не само соседите, претпочитаат да имаат ваква слаба влада како соговорник. Имате слаба влада, која што по сите перформанси, економија, здравство, земјоделство, стопанство, инвестиции, има многу лоши резултати, стандардот опаѓа и инфлацијата расте. Единствено што ѝ преостанува на Владата е да ја спинува европската приказна и перспектива, датумот и сето тоа во недоглед со години. Таквата слаба влада им одговара и на официјалните претставници од Софија и на одредени помали или поголеми политички партии во Македонија, за да можат истата влада да ја условуваат и да добиваат гратис ветувања кои што не се совпаѓаат со интересите на Македонија како држава – појасни Милошоски.
Тој се осврна и на предлог- законот за Пржинската влада.
– Мислам дека е купување на време, затоа што ВМРО-ДПМНЕ беше зa бришење на 10 члена од постојниот закон за влада каде што се споменува т.н. Пржинска vлада. Преведувањето дека се брише било кој член одзема 10 секунди на било кој јазик, освен ако Талат Џафери не го преведува на кинески јазик. Се надевам дека не. Мислам дека има некоја калкулација од страна на СДСМ и ДУИ, зошто во моментов не се спремни да го подржат ваквиот предлог за кој што и самите претходно во изминативе две – три недели па и во изминативе неколку месеци укажуваат дека во Македонија веќе е непотребно да постои еден таков хибриден композит Пржинска влада, кој што гледаме дека прво е поскап за граѓаните и буџетот. А второ е неефикасен во самото свое делување – истакна Милошоски.
Тој додаде дека поради тоа ВМРО-ДПМНЕ смета дека Пржинската влада треба да се укине.
– Чувствуваме и дека граѓаните веќе се спремни и зрели да ја изразат својата политичка волја независно од тоа дали некој министер или друг државен функционер од извршната власт сака на помал или поголем начин да злоупотреби одредено влијание за изборниот процес. Видовме дека на локалните избори, иако се потрудија некои луѓе да го направат тоа, не им успеа. И сметаме дека не е потребно да имаме Пржинска влада – рече Милошоски.