СКУЛПТУРА НА ПЛАТНО! Изложба на Горазд Христов: „Допирот на мислата“

Младиот уметник (1993) Горазд Христов после речиси 5 години, на 29 мај (недела), ќе се претстави со втора самостојна изложба, повторно надвор од галериските простори, овојпат со сликарски платна во 3Д или како што вели, со скулптури на платна, надвор од формалните параметри

332

Изложбата на уметникот од помладата генерација (1993), скулпторот Горазд Христов, е негова втора самостојна изложба и, како што вели, еден вид на будење, после период од 2-3 години кога, наместо изложбени дела, изработувал главно уметнички предмети со употребна вредност. Од огромни ѕидови во ноќен клуб, ѕидови и маси во кафулиња и во приватни станови, до столни ламби, вазни, пепелници. Дел од нив ќе можат да се видат и на оваа изложба на 29 мај, во бифе Тафталиџе, но поголемиот дел се токму делата кои се изработени специјално за изложбата насловена како „Допирот на мислата“. Станува збор за многу интересни дела во кои уметникот направил необичен спој на скулптура и сликарство и кои, буквално се скулптури на платно, надвор од формалните параметри на сликарството.

„Нема материјал или технологија што скулптурата нема да ја искористи за свои цели, а нема ни формални параметри, како во случајот со сликите кои се ограничени од рамнината. Ова е тоа што го размислував, па сакав да направам нешто на сликарско платно кое ќе биде надвор и од тие параметри и ќе излегува од рамнината на платното. Така ги направив овие дела кои се токму тоа – ’скулптури на платна‘“, објаснува Горазд.






Тој признава дека извесен период бил пасивен во однос на творењето, делумно разочаран од тоа што живее во држава во која луѓето немаат ниту за леб, а не пак за уметност, период во кој се приспособил на ситуацијата обидувајќи се да прави дела кои ќе имаат и своја употребна вредност.

Оттаму, најпрвин неговата изработка на ѕидови, а потоа и на помали предмети од типот на столни ламби, масички и слично.

Делата кои ги изработил за оваа изложба се направени речиси експлозивно, за релативно краток период, во фаза кога почувствувал дека без оглед на сè, тој има што да каже и сака да го сподели тоа со другите.

Како и првата самостојна изложба кога скулпторот направи стотици отисоци од ликови на свои другари, пријатели, роднини и познаници и ги спои во приказната наречена Face Off и оваа изложба е во неконвенционален простор (Бифе Тафталиџе, ТЦ „Алуминка“).

Младиот скулптор Горазд Христов завршил средно уметничко училиште, отсек керамика, а потоа го продолжил школувањето на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство (со сценографија), каде што дипломирал во 2016. година.

Веќе во 2017. година ја имаше првата самостојна изложба која ја спомнавме погоре, насловена како „Face Off“, која беше необична и поради делата кои беа изложени, но и поради просторот во кој беа поставени – тогашниот Клуб „43“.

Тогаш, во интервјуто за „Плусинфо“, Горазд ни раскажа дека знаел дека сака да биде уметник уште на 13-14 години, кога требало да се запише во средно.

„Никогаш не сум сакал типично образование со куп непотребни предмети за кои ќе мора да губам време. Сакав поголема слобода и сакав да го правам тоа што го сакам – да создавам предмети и мојата имагинација да ја претворам во форми, најпрво, како мал, од пластелин, во средното училиште („Лазар Личеноски“) каде што се запишав на отсекот керамика – од глина и како што течеше моето образование, од најразлични други материјали со кои се работи во текот на студиите по вајарство“, раскажа Горазд додавајќи дека она што го прави откако ги завршил студиите се дела, предмети во кои ја материјализира сопствената имагинација. „Ја отелотворувам во скулптури кои не се верна копија на моделот, туку раскажуваат некоја своја приказна“.

Во меѓувреме, Горазд имаше уште две изложби. Едната, „Dysfunction of progress“ (2018), заедничка со Стефани Христов, неговата сопруга и партнерка во галеријата „Колектив“ која функционираше како културен простор во кој, освен изложби, се организираа најразлични културни настани, работилници, презентации, перформанси, проекции на филмови, театарски претстави, а другата беше групната изложба „Урбани пагани“ (2019) на која беа изложени 50 дела од 7 автори, изработени во најразлични техники: слики, колажи, цртежи, графики, фотографии и скулптури.

 

Поврзани содржини