Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) реагира на повикот од одредени здруженија и асоцијации со кој се бара оставка од првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, оценувајќи го како непотребен и претенциозен.
– Да не заборавиме дека по иницијатива на Љупчо Јаневски во најтешките моменти од кризата на 27.02.2020 година беше формирано Координативно тело за справување со последиците од здравствената криза во туризмот и угостителството каде беа повикани со свои претставници да партиципираат сите засегнати страни. Преку тоа Координативно тело беа остварени голем број предлог-мерки во состав на трите претходни владини пакет мерки – наведува Комората.
СКТМ смета дека во очекување на реализација на четвртиот пакет економски мерки од страна на Владата реалниот сектор заеднички треба да ја насочи енергијата кон побрзо остварување и изнаоѓање нови пристапи за нови видови соработка во оваа глобална ограниченост на делување.
– Во овие моменти е потребна соработка базирана врз постулатите на солидарност и професионализам, а не на лични амбиции – оценува Стопанската комора за туризам.