Скопскиот (транзициски) картел

Не ми е намерата да правам паралела со оној домашен судија кој криел пари во ѕидот на родителската куќа во Неготино. Како дел од „дисперзијата“ на имотот, нели. Но, споредбите самите се туркаат во прв план, иако станува збор за помали износи. Но судската пракса, иако вносна (како што се покажува), е неспоредлива со „бизнисот“ со наркотици. Или грешам?

212

Можеби некој ќе се најде погоден што нештата ги сведувам само на Скопје, на „метрополата“, но реално сите работи почнуваат и завршуваат – тука. Се разбира, картелите имаат ограноци – ги има и кај нас – но тие во основа служат само како деташирани организациски единици за ширењето на „бизнисот“ на скопскиот транзициски картел – на пример во Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица и др. – некогаш и за прикривање на трагите или замајување на истрагите итн. Центарот на македонската криминална индустрија сепак е – Скопје!

Впрочем, и „чуениот“ Пабло Ескобар „се ширел“ низ цела Колумбија со неговите вили, особено во Меделин и др., каде што криел и дел од парите. На пример во онаа „Hacienda Nápoles“ во Puerto Triunfo, тој „инвестирал“ околу 5 милијарди долари. Меѓу другото и во ретки животни (нилски коњи, жирафи, антилопи, ретки птици и др.), но и во пари скриени во ѕидовите. Како впрочем и во онаа вила во Меделин.






Не ми е намерата да правам паралела со оној домашен судија кој криел пари во ѕидот на родителската куќа во Неготино. Како дел од „дисперзијата“ на имотот, нели. Но, споредбите самите се туркаат во прв план, иако станува збор за помали износи. Но судската пракса, иако вносна (како што се покажува), е неспоредлива со „бизнисот“ со наркотици. Или грешам?

Веројатно грешам зашто никогаш не дознавме, а веројатно и нема да дознаеме каде, на пример, отидоа оние стотици милиони долари – поточно 500-те американски милиони – за реформи во судството, па други милиони за други реформи, па слични износи од еу (малите букви се…) или поедини нејзини членки. Или што сѐ се случуваше со оние силни пари од онаа криминална усаид (малите букви се…)?

Скопскиот картел низ годиниве ја „изеде“ целата странска помош, како што впрочем континуирано „ги јаде“ и годишните државни буџети тешки неколку милијарди евра. И никогаш нема доволно пари за најважните нешта – оние од витална важност за граѓаните на оваа држава кои де факто го полнат тој буџет. Но за сѐ друго – има!

Од друга страна, при вакви (ретки) упади на власта – која и да е и каква и да е – во картелскиот бизнис како што е овој со судијана, веднаш започнуваат да делуваат однапред воспоставените одбранбени механизми. Прво, онаа позната ноншалантност: „деновиве јавниот обвинител ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот“.

Како тоа – деновиве, зошто не веднаш, за пет минути или еден час? Или треба да се остави доволно време за вклучување на другите механизми?

На пример оној викан Судски совет. Што ќе рече дека после сѐ што видовме од тие луѓе таму годиниве, тие сега ќе „просудуваат“ дали за локалниов судски „бизнисмен“ ќе дозволат притвор? Иако тој можеби веќе и не е во земјава, без оглед што од пред повеќе месеци е дел од истрагата против извесен поранешен државен правобранител, инаку подмитувач, чија колешка е сопруга на судијава „бизнисмен“… итн., итн.

И така ги гледаме – но само ги гледаме! – картелските врски во дел од правосудството, а за волја на вистината, во многу случаи, ги гледавме и претходно: роднинско-семејно-пријателски алки што го држат во заложништво македонското судство и коишто никој не сака, не се ни обидува, да ги прекине.

Или, како што неодамна држеше лекција една „госпожа“ обвинителка, тие/таа има(ат) „не само право, туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта“, но се покажува дека уште поголемо право имаат најгласно да молчат кога се работи за криминал на нивни колеги, за роднински и семејни картелчиња во правосудството, за бонуси од стотици илјади евра во некогашното „славно“ сјо (малите букви се…) итн., итн.!

Но, секогаш (ќе) има и некои, некакви, нечии… гласови кои веднаш скокаат во одбрана, некакви картелски курири или „општествено-политички“ работници кои се тука за да ни ги објаснат работите зашто ние не ги разбираме. И демек не знаеме со кого имаме работа. Знаеме, и те како!

А тие, е па само тие ги гледаат розовите слонови што шетаат по улиците иако за сѐ друго се далтонисти, само тие знаат каде се крие зајакот ама не сакаат да ни кажат за да не видиме како со него ги делат морковите. Ама картелите, тие не ли се – слонови?!

Меѓутоа не само розови. Ги има во сите бои на виножитото – од бели (оние докторските), до црни (како тогите на судиите). Шарените се за културата и уметниците, особено за оние кои глумат теоретичари. Не на картелите, на културата.

Сакам да кажам: би биле навистина несправедливи кога картелскиот начин на вршење на професијата и водење на внатрешниот „бизнис“ во истиот би го припишувале само на правосудниот сегмент во општетвото. Иако многу важен, нели, иако „трета власт“, како што некои сакаат да ја нарекуваат. А можеби е баш прва власт штом никој не смее да ја допре?!

Но, скопскиот транзициски картел делува во сите насоки и во сите сегменти. И кога оние далтонистине кои гледаат само розови слонови или добиваат панични напади заради укинувањето на иселеничките визи се ситат што сме „кошмар држава“, или „една од најсиромашните, најнеобразованите држави во Европа, на топ-листите на загаденост, корупција која убива секојдневно, првенци во смртност на доенчиња, распаднато здравство и школство, заглавени до гуша со ѓубре и канализации во калливите буништа (…)“, е па тие треба малку да ги забришат очилата и подобро да погледнат во скопскиот картел.

Можеби ќе препознаат и некој свој или некој од нивните фаворити кои нѐ тормозат веќе цели три проклети транзициски години?

А можеби, ако подобро погледнат на банковите изводи, ќе видат дека и нивните хонорари доаѓаат од некој – картел? Ама тие, кутрите, немаат време за тоа, тие се грижат за народот како ќе го прехранел семејството, да престане да оди „со наведната глава“, загрижени се „за генералниот правец на земјата и ситуацијата во која се наоѓа“… Какви бедни далтонистички фолиранти!

Или, ако сакате, ако гласот на јавноста и оние кои се провикнуваат низ неа се држат единствено и исклучиво до картелските наредби дека само во едниот атар цветаат рози а во другиот смрдливо ѓубре, скопскиот транзициски картел уште долго ќе живее. И ќе командува со државава. И нема да ја повторувам познатата дека сите држави имаат своја мафија само кај нас мафијата има своја држава, зашто тоа веќе може да ни стане и химна. Ако еу го побара тоа од нас, разбира се.

И повторно ќе ја парафразирам Хана Арент: злото мора да се препознае – а кај нас тоа е толку очигледно! – и да се каже дека тоа повеќе не може да се толерира. А кај нас тоа зло е токму картелскиот начин на мислење, работа и однесување! И тоа не се победува со молк, со префрлање на вината, со „наши“ и „нивни“…

Поврзани содржини