СКОПСКИОТ КРИВИЧЕН СУД БИЕ БИТКА ЗА СТРАЗБУР Како да се спречат европските судии да пресудат дека еднаш дадено помилување не може да се поништи?
По принципот „тази дупка не е дупка“, од лани летото, Судот, Обвинителството и Владата си ја копи-пејстираат приказната дека аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов била ништовна и не произвела правни дејства. Но, првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“ е прва во која отворено се брани оваа теза. Во меѓувреме, други судски одлуки, дури и за истиот предмет, како и три судски пресуди за други предмети на СЈО, не спомнуваат ништо за божемната ништовност на актот за аболиција, што Иванов го донесе и потоа самиот го поништи, потклекнувајќи под притисоците.
Апелациониот суд во Скопје денеска одржува јавна седница по жалбата на првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“. Како што е познато, на 26 февруари минатата година, Џенета Бегтовиќ како прв судија, Владимир Туфегџиќ како втор и тројца судии поротници осудија 11 лица за аферата со масовно нелегално прислушување и им определија драконски казни од вкупно 55 години ефективен и 10 години условен затвор. Меѓу осудените се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков (12 години затвор) и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска (4 години затвор). Сите осудени ќе ги образложат своите аргументи со кои ја оспоруваат судската пресуда, Основниот кривичен суд ќе се „брани“, а Апелација ќе донесе конечна одлука, најверојатно во текот на наредните денови.
Но, апелационите судии овој пат ќе имаат и уште една важна и деликатна задача. Тие ќе треба да одлучат дали Обвинителството, Кривичниот суд и Владата се обиделе во првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“ да изнесат на виделина нов наводен аргумент, со кој ќе ја зајакнат позицијата на македонските власти пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој треба да решава по апликациите на 11 лица од Македонија во врска со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Како што е познато, Иванов на 12 април 2016 година помилува 56 лица, меѓу кои и дел од сега неправосилно осудените во предметот „Таргет-Тврдина“, но по шест недели, под силен притисок, го поништи помилувањето, откако претходно Собранието со измена на Законот за помилување му оневозможи да помилува по итна постапка, по членот 11 од Законот.
Главниот аргумент на апликантите, кои се жалат на поништувањето на одлуките за помилување, се две клучни тези, кои тешко можат правно и на каков било друг логичен начин да се оспорат. Од една страна, Уставот и законот му даваат право на шефот на државата да помилува, но не и да го поништи сопственото помилување. Не се памети шефот на државата да даде милост, па да се предомисли. Од друга страна, апликантите аргументирано тврдат дека милоста што ја добиле од шефот на државата на 12 април 2016 година е нивно стекнато право, кое не може да се поништи. Правниците велат дека повикувајќи се на сопствените одлуки, Стразбур постапил одговорно што ги прифатил апликациите и одлучил да стапи во комуникација со македонските власти, во рамките на стандардната процедура за вакви случаи.
Духот излезе од шишето кога Црвенковски го аболицираше Заев
Првата половина од 2021 година ќе помине во успешни обиди на Владата на Зоран Заев да добие нови рокови за доставување на одговор на прашањата од Стразбур. Тука е и пандемијата како совршен изговор на одолговлекувањето на Скопје. И Основниот кривичен суд изгледа купува време, па така, иако пресудата за „Таргет-Тврдина“ е објавена на 26 февруари, таа ќе биде изготвена дури во јули-август лани. После долг молк, Владата испраќа одговор во Стразбур во јуни, во кој тврди дека аболицијата на Иванов никогаш и не произвела никакво правно дејство, бидејќи спорниот член 11 од Законот на помилување, кој му дава право на шефот на државата да помилува по итна постапка (надвор од редовната процедура), одамна не бил во правен промет.
Веројатно некои од вас се сеќаваат на дебатата што се поведе за ова прашање и во академската задница, но и во Уставниот суд. Со малу упростување, кое секако носат ризик од непрецизности, ќе ја опишам накусо таа дебата. Духот излезе од шишето кога во 2008 година Бранко Црвенковски итно го аболицираше Зоран Заев за аферата „Глобал“, повикувајќи се имено на членот 11 од Законот за помилување. Лути поради тоа, мудреците од власта на Никола Груевски во 2009 година го изменија Законот, го укинаа фамозниот член 11 и изнапишаа „барокни“ одредби за тоа кого и како може да помилува шефот на државата. Некаде во почетокот на 2016 година, на некои луѓе во ВМРО-ДПМНЕ сепак ќе им текне дека членот 11 би можел „да им се најде“ во периодот што претстои. Поведена е „независна“ иницијатива пред Уставниот суд, кој го укинува целиот „вмровски“ закон од 2009 година. По оваа одлука се отвора расправа дали со неа се враќа или не се враќа во сила фамозниот член 11. Мислењата се различни, но Владата на Заев пред Стразбур настапува со тврдењето дека овој член одамна е надвор од правен промет и немало ни потреба со законски измени, после аболицијата Иванов, да се принудува да го поништи сопствениот акт. Ако немало потреба, зошто е сторено тоа?
Како и да е, правните експерти блиски до Заев веројатно чувствувале дека целата оваа рашомонијада со фамозниот член 11 нема да биде уверлива за судиите во Стразбур, ако не им се покаже дека постои раширено, ако не и општо мислење меѓу македонските обвинители, судии и истакнати правници дека аболицијата на Иванов е ништовна. Добрите познавачи на правото знаат дека постои суштинска разлика меѓу поништувањето и утврдувањето ништовност. Во суштина, утврдувањето на ништовност е докажување дека еден акт не произвел правни дејствија. А апликантите во Стразбур лесно ќе докажат дека македонскиот правен систем не предвидел прецизна процедура за утврдување на ништовност на акт на шефот на државата.
Кој и како утврдил дека одлуките на Иванов за помилување се „ништовни“?
Целиот овој долг вовед е нужен за да се разбере зошто во пресудата за „Таргет-Тврдина“, подготвени кон крајот на ланското лето, за прв пат се вели дека одлуките на претседателот Иванов за помилување се ништовни и никогаш не произвеле правно дејство. На овој битен момент на денешната јавна седница на Апелациониот суд посочи Влатко Илиевски, бранител на Гордана Јанкуловска, која исто така се повикува на помилувањето од Иванов како стекнато право да не биде кривично гонета.
Ставот на судот, наведен во образложението на пресудата за „Таргет Тврдина“, дека одлуките за помилување се ништовни и никогаш не произвеле правно дејство, за адвокатот Илиевски се, најблаго речено, проблематични.
– Не е јасно од каде ја црпел судот својата стварна надлежност кога утврдил ништовност на акт донесен од страна на претседателот на Републиката и во која постапка била утврдена таа ништовност? Дали и каде е објавена таквата одлука за ништовност и дали засегнатите лица имале можност да вложат правен лек за оспорување на ваквата одлука за ништовност на помилувањето? – праша бранителот на Јанкуловска.
Ниту еден македонски суд и судија до оваа пресуда не го оцениле актот на претседателот Иванов за помилување како „правно ништовен“. Напротив, постојат обратни примери, имено одлуки во кои ништо не се зборува на таа тема.
Ставот на судот за ништовност на одлуката за помилување е во спротивност со досегашните одлуки на истиот Основен кривичен суд – Скопје, за кого никогаш до сега не беше доведена под знак прашање валидноста на одлуките за помилување до моментот на нивното поништување. И токму затоа, судот во повеќе свои решенија секогаш се повикуваше токму на фактот дека таквите одлуки за помилување престанале да важат кога истите биле поништени со одлуките за поништување на одлуките за помилување.
Две такви решенија што ја засегаат Јанкуловска донел токму истиот суд, Основниот кривичен суд – Скопје. Со првото Решение КОК ПП бр. 105/16, донесено на 25.04.2016 година, кога сè уште била во правна сила одлуката за помилување (пред истата да биде поништена неколку недели подоцна), судијата на претходна постапка го отфрлил барањето на СЈО за изрекување на мерки за претпазливост, со образложение дека Јанкулоска е помилувана за кривичното дело (353 ст. 5 од КЗ) за кои се води истрага во предметот „Тврдина“ и за кое се бара изрекување на мерката. На ова Решение не е поднесена жалба и тоа станало правосилно. Второто е Решението КОК-ООА бр. 28/17, за оценка на Обвинителниот акт за предметот „Тврдина“, каде Советот за оценка на обвинителниот акт јасно истакнува дека „правното дејство на Одлуката за помилување – ослободување од гонење за Гордана Јанкулоска и на Тони Јакимовски, било во правна сила од 12.04.2016 до 27.05.2016 година“.
Треба да се спомне и решението VI KOK-17/15 од 15.04.2015 година (донесено исто така во време кога не биле поништени одлуките за помилување). Со ова решение Судот одлучил по службена должност да ја запре кривичната постапка за предметот „Пуч“ повикувајќи се на одлуките на претседателот Иванов за помилување на обвинетите – Зоран Заев е еден од нив! Тоа што ова Решение потоа по жалба ќе биде укинато и вратено на повторно одлучување, поради тоа што во меѓувреме Иванов ќе го поништи помилувањето, не менува ништо битно во поглед на ноторниот факт дека Основниот кривичен суд – Скопје сметал дека одлуките за помилување биле валидни до моментот на нивното поништување.
Обвинителството, Судот и Владата фатени во „копи-пејст“ операција
Интересно е тоа дека прв пат тезата за ништовноста на помилувањето се спомнува во завршните зборови на обвинителството за предметот „Тортура“, на 12 мај 2021 година. Адвокатот Илиевски открива фрапантна сличност и копи-пејст плагијат меѓу овој дел од завршните зборови на Обвинителството за „Тортура“ (страници 51-59 од записникот од судското рочиште) и делот од образложението на пресудата за „Таргет Тврдина“ (страници 329-346).
– Што е уште поскандалозно, во дел од образложението на пресудата за „Таргет-Тврдина“ постои и преклопување со одговорот на Владата, односно на Министерството за правда, којшто беше испратен во Европскиот суд за човекови права, а во врска со апликациите поднесени од повеќе лица, вклучително и од обвинетите Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски, и тоа токму во врска со кривичниот прогон во овој предмет. Имено, наводите содржани на страна 339 параграф 5 од образложението на пресудата се речиси идентични со параграф 88-а од одговорот на Владата. Исто така, наводите содржани на страна 340 параграф 2 од образложението на пресудата се речиси идентични со параграф 88-ц од одговорот на Владата. Имајќи предвид дека овој одговор на Владата не е јавно достапен документ, како легитимен се јавува заклучокот дека Судот бил најблаго кажано брифиран од страна на Владата за ваквиот одговор, кој потоа бил „позајмен“ од Судот за потребите на образложението на пресудата. Ваквото однесување на Судот, да позајмува тези од Обвинителството и од Владата и истите да ги наведува како своја аргументација во образложението на пресудата, укажува на недостиг на отпорност на судството од надворешни притисоци. Не само што нема отпор, туку има и соработка, што создава впечаток на отсуство на независност и не нуди доволна гаранција за исклучување на легитимниот сомнеж дека судството е пристрасно – алармира Илиевски.
Накусо, постои оправдан сомнеж дека ваквата спрега помеѓу Судот, Обвинителството и Владата е направена со цел да се изгради што е можно подобра позиција на Владата во однос на спорот што се води во Стразбур во врска со апликациите поднесени по основ на продолжувањето на кривичниот прогон и покрај тоа што се донесени одлуки за помилување. Нема дилеми дека вордингот и резонирањето на Кривичниот суд, изразени во пресудата за „Таргет-Тврдина“ симптоматично се променети во периодот на кореспонденција на Владата и апликантите со Судот во Стразбур.
Зошто при објавувањето на пресудата Туфегџиќ не спомна ништо за ништовност?
Незаобиколен е и фактот дека при објавување на пресудата за „Таргет-Тврдина“, воопшто не беше споменато ништо во однос на наводната ништовност на одлуките за помилување. При објавувањето на пресудата од страна на судијата Владимир Туфегџиќ, беше речено дека „во оваа фаза на кривичната постапка одлуката за амнестија или помилување за дел од обвинетите, кој акт е поништен од доносителот, не произведува правно дејство во оваа кривична постапка, односно не претставува процесна пречка за понатамошно водење на кривичната постапка и завршување на кривичната постапка во прв степен“. Туфегџиќ не е судија од вчера (сега е адвокат) и бездруго знае што е ништовност. Во неговата објава нема ни збор такво нешто. А како и би имало?
Пресудата за „Таргет-Тврдина“ не е прва пресуда во која судот одлучувал за обвиненија за кои биле донесени одлуки за помилување од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов. Имено, Основниот кривичен суд, пред да ја донесе оваа пресуда, донел уште три други пресуди во 2019 и во 2020 година – во нивните образложенија воопшто не се спомнува ни збор за наводната ништовност на одлуките за помилување. Станува збор за пресудите во предметите „Титаник 2“, „Насилство во Општина Центар“ и „Транспортер“. Во пресудата за „Титаник 2“, каде што еден од обвинетите е Мендух Тачи, чија одбрана се повикала на одлуката за помилување, Судот воопшто не ја ни коментирал таа околност во образложението на пресудата. Истиот пристап Судот го имал и во пресудата за „Насилство во Општина Центар“, каде што одбраната на обвинетиот Никола Груевски исто така се повикала на помилувањето. Во пресудата за предметот „Транспортер“, каде што е обвинет Владимир Талески, судот само се осврнал на фактот дека одлуката за помилување била поништена од страна претседателот, без воопшто да се осврне на тезата за наводната ништовност.
Одбраната има сомнеж дека „коперниканскиот“ пресврт на Основниот кривичен суд – Скопје во поглед на третирањето на одлуките за помилување како ништовни сепак не е случаен. Напротив, тоа е смислен и пресметан чекор, во координација со Владата и со Обвинителството. Колку овој сомнеж е оправдан ќе се види и од поведението на Апелациониот суд.
Во крајната инстанца, судбината на „Таргет-Тврдина“ во голема мера ќе зависи од пресудата на ЕСЧП во Стразбур, кој треба да одлучи дали е согласно со европските стандарди шефот на државата, под принуда или не, да поништува помилување што го дал и на лицата подложени на кривичен прогон да им одзема стекнати права, кои за нив значат слобода или живот зад решетки.