СКОПСКИОТ АКВА ПАРК ТОНЕ СО ГОДИНИ Наместо приходи, затворени врати и опрема без гаранција
Ревизорскиот извештај за Спортскиот центар „Борис Трајковски“ укажува дека по завршувањето на самит на ОБСЕ во 2023 година, за што се инвестирани повеќе од 200.000 евра, не се знае што точно е изведено, што е инсталирано и оставено како трајна вредност во центарот.
Една од најскапите и најамбициозни инвестиции во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ – Аква паркот – годинава не работи, а во 2023 година остварил приходи што биле за 41% пониски од планираното. Ревизијата што ја спроведе Државниот завод за ревизија покажала дека токму овој објект е еден од најпроблематичните во портфолиото на центарот. Од некогашен симбол на модерен градски воден рај, Аква паркот се претвори во финансиско бреме.
Според податоците во ревизорскиот извештај, во 2023 година паркот остварил само 4,29 милиони денари приходи, далеку под очекувањата. Причините за оваа состојба се повеќеслојни – од недоволен интерес на посетители, до хронични технички и инфраструктурни проблеми, кои со годините не биле навремено адресирани. Поради ваквата неисплатливост, Аква паркот е целосно затворен во 2024 година.
Особено алармантен е фактот што гарантниот рок на вградените реквизити, на опремата и на инсталации истекол, а тоа значи дека изведувачите веќе не гарантираат за нивниот квалитет. Без функционални услови и без гаранции, управителите не можат да го отворат објектот без ризик од дефекти и дополнителни трошоци. Во меѓувреме, приходите од другите делови на центарот – базенот, кугланата и лизгалиштето – продолжиле да растат.
Додека другите спортско-рекреативни објекти во рамки на „Борис Трајковски“ бележат континуиран пораст на посетеност и приходи, приказната со Аква паркот останува еден од најсилните примери за недоволно одржување, лошо планирање и изгубена можност за долгорочно профитабилно стопанисување. Наместо да биде извор на приход и забава, тој стана неликвидна обврска.
Што доби „Борис Трајковски“ од Самитот на ОБСЕ?
Ревизорскиот извештај за Спортскиот центар „Борис Трајковски“ укажува дека и организацијата на големиот самит на ОБСЕ, кој се одржа во Скопје од 30 ноември до 1 декември 2023 година, не поминала без проблеми во административно-имотниот дел. Иако центарот ги отворил вратите за настанот и овозможил целосна логистичка поддршка, ревизијата покажува дека по завршување на самитот не се знае што точно е изведено, што инсталирано и оставено како трајна вредност во центарот.
Министерството за надворешни работи склучило договори за јавни набавки во вредност од над 124 милиони денари, со цел адаптација и надворешно уредување на просторот. Но, ревизорите утврдиле дека не постојат записници со кои би се потврдило какви работи биле извршени и кои добра и инсталации се инкорпорирани во објектот. Дополнително, одредбите од договорот за соработка меѓу МНР и управителот на салата не се целосно исполнети.
Ова отвора прашања не само за транспарентноста на спроведените јавни набавки, туку и за долгорочната вредност која салата ја добила од самитот. Иако настанот завршил со позитивна меѓународна слика за Скопје, останува впечатокот дека на внатрешен план, дел од институциите не постапиле целосно во согласност со законските прописи и стандардите за отчетност.
Долгот кон Град Скопје стар цела деценија го покри државата
Ревизорскиот извештај за Спортскиот центар „Борис Трајковски“ открива дека објектот бил изграден уште во 2011 година преку задолжување на Град Скопје, со заем во износ од 260 милиони денари. Договорено било овој износ да се враќа во три еднакви месечни рати уште истата година, но слабата финансиска кондиција на управителот го направила тоа невозможна мисија. Наместо во 2011, исплатата започнала дури во 2019 година, осум години подоцна.
Во меѓувреме, центарот работел со загуба, а ликвидноста била нарушена. Од 2019 до 2022 година, не успеал самостојно да генерира доволно средства за да го враќа долгот, па наместо тоа, целата обврска паднала на товар на државниот Буџет. Министерството за финансии го зголемило основниот влог на државата во друштвото, и со тоа ги покрило сите три рати. Последната била исплатена дури во 2023 година.
Оваа ситуација отвора важни прашања за одржливоста на јавните инвестиции и за транспарентноста на финансирањето на капитални објекти во културата и спортот. Иако салата „Борис Трајковски“ со години функционира како главен спортски и конгресен објект во земјата, нејзиното менаџирање покажува дека дури и објекти од национално значење можат да се најдат во долгови и да зависат од државна интервенција за да избегнат финансиски колапс.