СКОПСКАТА СВЕТА ГОРА Вело-тура низ црквите и манастирите на Скопска Црна Гора (ГАЛЕРИЈА)

Скопска Црна Гора е планински масив кој географски е најблизок на градот Скопје и се наоѓа на самиот раб од Скопската Котлина. И покрај тоа што е блиску до главниот град, овој реон е релативно непознат за туристите, иако, во последно време е многу атрактивен за љубителите на планинарските спортови, но и за велосипедистите.

1,429

Доколку сакате накратко да побегнете од скопската бетонска пустина, а притоа да уживате во природата, чистиот воздух и сончевите зраци, тогаш падините на Скопска Црна Гора се идеално место за тоа.

Скопска Црна Гора е планински масив кој географски е најблизок на градот Скопје и се наоѓа на самиот раб од Скопската Котлина. И покрај тоа што е блиску до главниот град, овој реон е релативно непознат за туристите, иако, во последно време е многу атрактивен за љубителите на планинарските спортови, но и за велосипедистите.






Облачното и дождливото време не ги спречи членовите на здружението на велосипедисти „Macedonian Bike Riders“ да се впуштат во кратка велосипедска тура во која беше вклучена обиколка на некои од црквите и манастирите во скопската Света Гора, како што кај народот се нарекува овој планински масив.

Возејќи низ селата да стигнеме до овој предел, полека почна да се чувствува мирисот на дрвјата, на тревата, на калта, а тука беше и сонцето кое одвреме-навреме ќе се појавеше низ темните облаци, кои, за жал, овој викенд не беа на наша страна. Полека почнавме да пристигнуваме во недопрената природа на планината, надополнета со мирот на локалните манастири… Таму, на само дваесетина километри од центарот на градот се крие мал рај кој вреди да се посети.

Нашата прва дестинација беше селото Глуво кое се наоѓа во подножјето на планината Скопска Црна Гора покрај долниот тек на реката Бањанска река. Во ова село може да видите градби стари повеќе од 100 години, но и објекти изградени по најнови стандарди.

Сепак од 2019 година ова село стана вистинска атракција откако селаните кренаа огромни букви направени од бетон со кое е испишано „Глувовуд“, кое се наоѓа над црквата св. Атанасиј Велики.

По кратката пауза која ни беше доволна за да ги наполниме батериите, секако и да се фотографираме со преубавата црква и нејзиниот прекрасен двор од кој се гледа целото село Глуво, со нашите велосипеди тргнавме до нашата следна дестинација која исто така привлекува многу туристи од Македонија, но и од странство.

Станува збор за малиот, стар манастир, посветен на великомаченикот Свети Никита, сместен на падините на планината Скопска Црна Гора, на надморска височина од 565 метри, помеѓу селата Горњане, Бањани и Чучер. Таму, меѓу старите ѕидови на црквата, почиваат моштите на великомаченикот, за кои се верува дека имаат огромна ноќ.

Според раскажувањата на човекот задолжен за одржување на манастирот, овој е еден од најстарите манастири на македонска територија. Се верува дека црквата датира од 11 век, но подоцна, како и повеќето цркви и манастири бил разурнат.

Како што говори историјата, Цар Милутин го возобновува манастирот Свети Никита во 1284 година. Според информациите, царот дошол во Скопје, поточно во овие села, народот многу му раскажувал за Свети Никита и за неговите моќи да им помага на сите кои ќе му се обратат, па решил да за го обнови манастирот кој бил уништен. На сон, Бог му се јавил на царот Милутин и му кажал каде се моштите од Свети Никита и му рекол да ги закопа во црквата, оти тие сè уште се моќни и помагаат. Царот го сторил тоа, и ден денес, оној кој ќе застане на светиот камен, под кој почиваат моштите од великомаченикот, ќе му се отстрани болката, ќе му се најде решение за маката.

Откако уживавме во дворот на овој прекрасен манастирски комплекс, групата велосипедисти тргна кон селото Бањани, каде што следен за посета беше средновековниот манастир св. Илија-Горни.

До манастирот се стигнува по асфалтиран кривулест пат. Овој свет храм, скриен во падините на Скопска Црна Гора, е опколен со шума, а до него тече Бањанска река која му дава посебна убавина на целиот тој предел. Таа пленува со своето жуборкање и ретко кој може да одолее, а да не застане накратко за да го послуша тој пријатен звук.

Дворот речиси секогаш е полн со излетници, кои уживаат во убавините на природата. Убаво место да се посети, особено поради тишината, мирот и спокојот кои владеат во овие свети места и духовна утеха и поткрепа кои ја даваат.

За жал, по посетата на овој манастир, нашата тура во која требаше да се посетат уште неколку цркви и манастири во овој регион, мораше да биде прекината, затоа што временските услови, а некаде и поројниот дожд не ни го дозволија тоа.

Па, затоа, уште од сега почнете да го планирате вашето бегство од градот за следниот викенд или некој нареден, уживајте во она што го нуди планината, во мирот, во мирисот на пролетта, во сонцето, затоа што тоа го имате на само 20-тина километри од Скопје.

Поврзани содржини