СКОПЈЕ ЗВУЧИ КАКО ЏЕЗ Нов фестивал во градот во организација на „Буква“ и на македонска снаа од Русија
Организатори на фестивалот „Буквално џез“ се кафе-книжарницата Буква, односно, нејзиниот сопственик Андреј Јованчевски и Анастасија Овчаренко, Русинка која веќе неколку години е жителка на Скопје, а од неодамна и македонска снаа.
Во кафе-книжарницата „Буква“, оваа недела (од 19 до 25 мај) започна нов џез фестивал во градот за кој организаторите се надеваат дека ќе прерасне во традиционален.
Станува збор за фестивалот „Буквално џез“, нов и инспиративен формат наменет за сите тврдокорни џезери, но и за оние кои допрва го запознаваат џезот.
Организатори се кафе-книжарницата Буква, односно, нејзиниот сопственик Андреј Јованчевски и Анастасија Овчаренко, Русинка која веќе неколку години е жителка на Скопје, а од неодамна и македонска снаа.
Програмата започна со настанот „Џез: звук, слика, збор“ со Владимир Мартиновски и со изложбата „Џез“ на нашиот уметник Диме Темков и словенечката уметница Лучка Кошчак.
Токму оваа изложба на Темков и Кошчак била она што ја поттикнало Анастасија да ги претстави делата на нашиот уметник кој повеќе од две децении живее и твори во Словенија (а од неодамна е и сопруг на Анастасија), во неговиот роден град. Потоа, во неврзан кафе-разговор со Андреј, збор-по збор од идејата за изложбата, дошле до нешто многу поголемо – целонеделен џез-фестивал.
Анастасија вели дека и самата се уште не може да поверува дека од една едноставна идеја за изложба, на крајот успеале да дојдат до фестивал од овој формат на кој ќе успеат да соберат една неверојатна заедница на музичари, философи, уметници, писатели, историчари, филмаџии, кореографи.
„Кога го замислувавме фестивалот, многу ни беше важно да му подариме на Скопје еден сосема нов и инспиративен формат. А тоа не беше лесно, бидејќи Скопје веќе има навистина многу одлични фестивали — само џез програми има повеќе од десет во годината. Сакавме да создадеме нешто што ќе биде разбирливо и за упатените, и за оние кои дури сега почнуваат да го откриваат џезот. Нешто што нема да го носи печатот на елитизмот, нешто што ќе личи на игра. Така се роди идејата за седумдневен урбан пикник“, вели Анастасија во интервју за „Култура Бета“.
Инаку, таа пред неколку години од Русија се пресели во Скопје и е пресреќна што конечно може да придонесе за културната сцена на овој град која, според неа, е веќе неверојатно интересна!
„Кога градот би бил музика, јас би рекла дека Скопје звучи како џез! Таа луда мултиетничка, архитектонска и културна еклектика не преминува во хаос, туку звучи како сложена џез-хармонија… Се чини дека во Скопје постојано се случува нешто културно – секојдневно се отвораат изложби, се одржуваат концерти, секој месец некоја нова театарска премиера… А уличната уметност е посебна приказна! Понекогаш шетам по одредени улици само за да ги разгледам графитите…“, вели Анастасија во споменатото интервју.
Целосната програма на фестивалот „Буквално џез“ можете да ја видите ТУКА.