СКОПЈЕ УТРЕ ПАК БЕЗ ГРАДСКИ АВТОБУСИ?! Вработените во ЈСП нема да толерираат ни еден ден доцнење на платите

Оваа информација за Плусинфо ја потврди и претседателот на Синдикатот на возачите, Африм Муча, кој најави доколку до 15.30 часот нема плата, утре Скопје може да остане без јавен превоз.

2,353

Повторно доцнат платите во ЈСП „Скопје“. Ако денеска не легнат парите на сметките на вработените после 15.30 часот, можно е утре повторно главниот град да остане без градски автобуси.

Плусинфо од свои извори во јавното претпријатие доби информација дека платите ќе доцат. Советот на Град Скопје минатиот месец ги изгласа субвенциите за ЈСП „Скопје“, а на вработените им беше кажано дека повеќе нема потреба да се грижат во следните месеци.






– Во минатото платата ја добивавме максимум до 5-ти во месецот, но сега не е така. Декемвриската плата. како што знаете, ни беше исплатена дури на 24-ти, а претходно беше исто по законскиот рок на 17-ти декември – вели нашиот извор.

Оваа информација за Плусинфо ја потврди и претседателот на Синдикатот на возачите, Африм Муча, кој најави штрајк, ако денеска до 15.30 часот нема плата.

– Точно е дека ни беше ветено повеќе да не се грижиме за платите. Тоа се случи по гласањето во Советот. Градоначалничката Арсовска и директорот Петревски ни реекоа дека платите ќе бидат обезбедени за целата година. Искрено. јас не знам каде се парите што беа одобрени од Советот. Ако до 15.30 часот не легнат парите на нашите сметки, можно е Скопје да остане без јавен превоз – ни рече Муча.

Плусинфо испрати прашања и до ЈСП „Скопје“. Бараме објаснување зошто им доцнат платите на вработените во претпријатието и каде се парите кои беа одобрени од Советот на Град Скопје. Зошто вработените мора да чекаат до последниот ден од законскиот рок, а тоа е 15-ти во месецот?

До објавувањето на овој текст немаме никаква повратна информација од ЈСП „Скопје“ и доколку добиеме, дополнително ќе ја објавиме.

За потсетување, на 22 јануари Советот на Град Скопје со 25 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан, на 14. вонредна седница донесе одлуката за субвенции за ЈСП „Скопје“ за 2024 година во висина од 11 милиони евра. Повеќе од стотина вработени во јавното претпријатие на 22 јануари протестираа пред Град Скопје, барајќи од советниците да ги изгласаат субвенциите бидејќи им доцнеа платите.

Тогаш градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска им соопшти на вработените од ЈСП „Скопје“ дека се изгласани субвенциите и им порача дека нема потреба да се грижат, бидејќи ќе има пари за плати.

„Оваа година повеќе нема да се грижите за платите, парите утре ќе ви легнат на вашите сметки“. Со овие зборови градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, тогаш им ја соопшти информацијата на 50-та вработени во ЈСП Скопје што го чекаа исходот од вонредната седница.

АВТОБУСИТЕ ПОЧНАА ДА ВОЗАТ Советниците едногласно изгласаа субвенции за ЈСП

Поврзани содржини