Скопје, те сакам зелено!

Локалните го прекинаа процесот на лобирање во ЗЕЛС. Сега би сакала да ја видам оваа „темно-зелена“ одисеја со Законот за урбано зеленило заокружена и завршена. Со оглед на ветувањата за дури 50 нови паркови, многу ќе биде значајно да се иницира носење на усовршената верзија на Законот за урбано зеленило и сродната регулатива, па да се постапи според неа. Со тоа ќе се влезе и во сериозна заштита од уништување на новите насади што ни се толку скапоцени.

66
Првин, честито за изборот на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје и честито за о-рук акцијата за отпадот! Кој како сака нека коментира, ама ѓубрето се исчисти и се фаќа некаков ред во комуналните работи. Првиот човек засега покажува ентузијазам и енергичност, а очигледно е и градоначалничкото искуство од Кисела Вода. Со среќа да ни е на сите Скопјани, и гласачи и негласачи!





Најави отворен дијалог со граѓаните, па еве ме со предлози, две недели по изборите, дури уште го држи ентузијазмот и ехото од кампањата. Кој за што, јас за ЗЕЛЕНИЛОТО! Затоа што без зеленило, градот е бетонирана земја и воздух, без кислород, без сенка, без влага, без впивач на јаглероден диоксид и прашина. Зеленилото е врска со природата, ни дава спокој, здравје и нормалност. Сепак, тоа е најчесто првата жртва на „урбаниот развој“ по балкански терк, што во превод значи градови со скромни 10-15% зеленило, за разлика од западноевропските со 40-50% зеленило!

На Скопје му требаат нови паркови и не заради трка со бројки, туку заради повеќе здрави и среќни луѓе. Градоначалникот најави 50 нови паркови, што е одлично како намера! Ама пред да тргне да ги „гради“ меѓу мега-градбите што се планирани и оние што веќе се градат, го замолувам да обрне внимание на редоследот и стручниот пристап. Да признаам, на текстов ме поттикна и веста од општина Аеродром, дека „ќе се засадува по едно стебло на секои 10 м2 новоградба“!? Ако беше пробен балон, да го дупнеме веднаш! Значи, за нова зграда на 1.000 м2 со 15 ката, 180 станови и 720 жители, ќе се засадат 100 стебла, или 0,14 по жител. Ова е ПОД просекот на Скопје од 1,3 стебла/жител (студија на Агенцијата за планирање на просторот), а драматично ПОД МИНИМУМОТ за климатска и здравствена отпорност од 3-5 стебла/жител, или од Љубљана со 7 стебла/жител. Аман, не воведувајте неурбанистички „стандарди“ што не постојат нигде во светот! Си постои Закон за урбано зеленило за обемот и критериумите за садење, кој треба да се зајакне и доследно да се применува.Ајде по ред. На Скопје му претстои носење нов ГУП – Генерален урбанистички план за следните 20 години. За да добиеме поубав, позелен и попаметен град, потребни се: прво, мотивиран Градски архитект и Совет на архитекти; второ, првокласна екипа урбанисти и инженери од различни струки; трето, партиципативно тело од уметници, филозофи, студенти, екологисти и граѓани од различни профили и возрасти, за отворени дебати; четврто, усогласена законска регулатива за урбанистичко планирање, посебно во делот за урбаното зеленило.

За да се оствари горниов редослед, треба да се донесат и изменат неколку закони. На нив и самата сум работела, во соработка со експерти, партиски колеги и екоактивисти, па ги ставам на увид, како два зелени законски пакета – за градски архитект и за урбано зеленило. Еве кратко за нивната содржина и историјат:
1) На 27 мај 2012, во име на ДОМ како зелена партија, по вторпат поднесов 2 закона со кои се внесуваат поимите градски архитект и градски совет на архитекти, за градот Скопје и за уште 13 наши градови со над 30.000 жители. Им претходеше широка јавна дебата со стручната јавност и работната група од членови на партиската Комисија за урбанизам и градежништво (со проф. Никола Павловски, арх. Ана Петровска, арх. Билјана Караѓозова и др.) и претставници на професионални асоцијации на архитекти (арх. Билјана Филиповска како претседателка на ААМ, сега дел од „Независните заедно“ и др.).

Како тогашна пратеничка, најавив: „Предлагаме измени и дополнувања во Законот за Град Скопје и во Законот за локална самоуправа, каде ги дефинираме поимите, надлежностите и начинот на избор. Градски архитект се избира од предлозите на 3-те професионални организации на архитекти, при што сите предложени кандидати стануваат членови на Советот на архитекти. Со ова ќе се испочитува вољата на еснафот и ќе се обезбеди стручност во работата. Градскиот архитект го избира советот на градот Скопје за целото подрачје на градот утврдено со овој закон. Предлогот го дава градоначалникот, при што избира еден од трите предлози на професионалните асоцијации: Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, Асоцијација на архитекти на Македонија и Здружение на архитекти на град Скопје. Советот на градски архитекти брои дванаесет членови, меѓу кои се преостанатите двајца архитекти од професионалните организации и по еден архитект предложен од секоја општина во градот Скопје, водејќи сметка да бидат познати и признати професионалци.

Градскиот архитект и градскиот совет на архитекти ќе се грижат за обезбедување одржлив и хармоничен урбан развој на градот Скопје како единствена просторна и функционална целина, во насока на квалитетно живеење и заштита на животната средина. Дополнително, тие ќе го промовираат концептот на одржливост и енергетска ефикасност при планирањето, проектирањето, изградбата и одржувањето на објектите и инфраструктурата во градот, истовремено креирајќи јавна свест за убавото и функционалното. (…) Веруваме дека со враќање на овие функции (избришани во измената на Законот од 2004 година), ќе добиеме подобри урбанистички решенија, во склад со современите естетски, еколошки и социјално одржливи стандарди за проектирање и градба, кои водат кон зелени и паметни градови (греен цитиес, смарт цитиес). Ова стручно тело во градот Скопје сериозно ќе придонесе да се сочува духот на градот и да се одговори на соодветен начин на предизвиците на современата архитектура. Градскиот архитект треба да има капацитет да го промени курсот на урбаниот развој преку втемелување на одржлива и социјално освестена визија. Треба да формира прифатлива и остварлива естетика на градот која ќе се базира на традицијата, но и на современите достигнувања во архитектурата.“ https://dom.org.mk/2012/05/27/dom-podnesuva-zakoni-za-gradski-arhitekt/

Градски архитекти имаат повеќе европски метрополи, меѓу кои и прекрасната Рига во Латвија, со 700.000 жители, град на културата за 2014. Дека убавиот изглед не е случаен, говори фактот што во Рига веќе 150 години  постои градски архитект и совет на градски архитекти, извонредно моќни и влијателни. Оганизираат јавни расправи за новите урбанистички решенија со стручната фела, граѓаните, инвеститорите и политичарите, за да се избере најдоброто.

За жал и на штета на урбанизмот, предложени закони ми беа одбиени без јасно образложение, иако беа претходно прифатени од големите партии и поддржани од сите поранешни носители на таа функција, од различни политички происходи. Ќе се радувам ако оваа идеја за градски архитект се оствари, па макар и со задоцнување. Градоначалникот ја најави, чекаме остварување!

2) На 15 јануари 2018, по 7 години борби, јавни дебати и дури 4 мои поднесувања во Парламентот (последниот пат во група со пратеници на ДОМ, СДСМ и ДУИ), беше донесен Законот за урбано зеленило како леџ специалис со многу важна мисија за заштита на зеленилото. Иницијативата беше на ДОМ како зелена партија уште од 2011, преку предлози за изработка на зелен катастар на Скопје и Закон за зеленило во 2012. Добивме поддршка од тогашниот градоначалник Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, па кон работната група од партиската Комисијата за екологија се придружија претставници од Градот Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Агенцијата за планирање на просторот. Подоцна, предлог-законот беше 3-пати одбиен, иако помина јавни расправи пред Градот Скопје и целиот ЗЕЛС.

За Законот за урбано зеленило беа користени искуства од австриското и германското законодавство за зеленило и се воведоа нормативи за зеленило: мин. 25 м2/жител на ниво на град и мин. 20% на градежна парцела, задолжителен попис на зеленилото, зелен катастар и ред други обврски за институциите и граѓаните. Во 2023 година од страна на Зелениот институт и експертски тим од урбанисти, шумари и екологисти, изработивме детална анализа на спроведувањето на Законот за урбано зеленило, во рамките на климатски проект финансиран од Шведска. Беа анализирани и законите за урбанистичко планирање и градење, соодветните правилници и 20 урбанистички планови во Скопје.

Се утврди недоволна примена на Законот за урбано зеленило, што води до уништување на зеленилото и создавање урбанистистички бетонски креатури во градовите низ Македонија, поради три главни причини: законска неусогласеност помеѓу клучните закони и правилници што го регулираат зеленилото (терминолошка какафонија во урбанизмот и видовите зеленило, неусогласеност во глобите); драматично непочитување на Законот од страна на планери и институции (неносење клучни документи за планирање и проектирање на зеленило од локални самоуправи, отсуство на достапен и ажуриран зелен катастар, урбанистички планови и градежни дозволи без обезбедени норми за задолжително зеленило, неодржување и уништување на зеленилото со лажни оправдувања); непочитување на професиите шумарски инженер и пејзажен архитект (не се ни институционално систематизирани и лиценцирани во комората на инженери и архитекти, па наместо стручни планови и проекти за урбано зеленило, добиваме импровизирани проекти, а нестручни лица се ангажираат за одржување на зеленилото од јавните претпријатија и приватни инвеститори).

Затоа подготвивме измени и дополни на Законот за урбано зеленило, како дел од еден пакет од пречистени закони и правилници (за урбанистичко планирање и за градење). Текстовите се усогласуваа во Работно тело од претставници на државни институции, Градот Скопје, експерти и заинтересирани граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба,  Борба за Влае, За Расадник на можности, За хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.).

Предлог-измените на Законот за урбано зеленило поминаа транспарентен процес од јавна дебата во Градот Скопје на 6.7.2023, со пренос во живо на социјалните медиуми, преку широка јавна дискусија и средби со Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање,  Министерството за транспорт и врски, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и широк круг експерти и граѓански еколошки организации и поединци. Покрај набројаните институции и субјекти, поддршка добија и од Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени во септември-ноември 2023.

Но, парламентарните избори го прекинаа процесот на лобирање во Парламентот, па во април 2025 се обидовме преку локалната власт и претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој ни даде надеж со постапките околу ДУП-от Расадник, кога ја поништи верзијата со „наполитанките“ и распиша јавен оглас. Побаравме средба, добивме поддршка за Законот, за што ја известивме јавноста: „Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓевски, го поддржа предлогот за измени на Законот за урбано зеленило што му го претставија Лилјана Поповска и Ана Петровска од Зелениот институт. Градоначалникот вети дека ќе го изложи предлогот од Зелен институт на седница на ЗЕЛС, како актуелен негов претседател. (…) Целта на законот е да се спречи уништување на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите.

Се предлага усогласување на Законот за урбано зеленило од 2018, со законите донесени по него, Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, во однос на: видови урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; класи на намени на зеленило и зелена инфраструктура според Правилникот за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање категории на урбано зеленило според пешачко растојание од домот и достапна површина; зголемување на нормативите за зеленило според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени (25 м2/жител јавно зеленило и 50 м2/жител вкупно зеленило на ниво на град, најмалку 30% зеленило на градежна парцела); утврдување минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; обврска за ангажирање шумарски инженери и пејзажни архитекти при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; казнени одредби според Законот за прекршоци од 2019 и 3-пати зајакнато санкционирање на поединците и институциите кои не ги испочитувале одредбите за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило; почитување на обврската да не се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило.“

Но, локалните го прекинаа процесот на лобирање во ЗЕЛС. Сега би сакала да ја видам оваа „темно-зелена“ одисеја со Законот за урбано зеленило заокружена и завршена. Со оглед на ветувањата за дури 50 нови паркови, многу ќе биде значајно да се иницира носење на усовршената верзија на Законот за урбано зеленило и сродната регулатива, па да се постапи според неа. Со тоа ќе се влезе и во сериозна заштита од уништување на новите насади што ни се толку скапоцени. Зелено, те сакам зелено!

Поврзани содржини