„СКОПЈЕ-СЕВЕР“ ТРЕТ ДЕН ГИ СМРЗНА ЧАИР И БУТЕЛ Проблемот решен, ЕСМ ја презеде и обезбеди гас
„Ние сме најзагрижени за училиштата и за градинките, се надеваме дека во најбрз можен рок ќе биде надминат овој проблем. Општината Бутел редовно ги исполнува обврските кон топланата. Овие денови функциониравме во исклучително тешки услови. Во градинката се обидуваме да го загрееме објектот со помошни тела, бидејќи е најнеопходно, а во основните училишта организиравме скратена настава“, вели градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Трет ден топланата „Скопје-Север“ не испорачува топлинска енергија, па објектите кои се приклучени на системот на парно греење на оваа компанија – домаќинствата, образовните и здравствените установи во општините Чаир и Бутел – се без никакво греење. Од ЕСМ смируваат дека е набавен гас за цел декември и дека од утре „Скопје-Север“ ќе функционира нормално.
Според информациите до кои дојде Плусинфо, поради студените радијатори вчера училиштата во општините Чаир и Бутел го прекинале наставниот процес и ги ослободиле учениците уште од вториот час. Денеска, како што нѐ информираше градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, најзасегнати се училиштата и градинките кои се затоплуваат токму од топланата „Скопје-Север“.
– „Петар Здравковски – Пенко“ и клонот на „11 Октомври“ веќе втор ден немаат греење и затоплување на објектите. Освен тоа, и граѓаните од зградите во Скопје-Север се без греење. Ние сме најзагрижени за училиштата и за градинките, се надеваме дека во најбрз можен рок ќе биде надминат овој проблем. Општината Бутел редовно ги исполнува обврските кон топланата „Скопје-Север“. Овие денови функциониравме во исклучително тешки услови. Во градинката се обидуваме да го загрееме објектот со помошни тела, бидејќи е најнеопходно, а во основните училишта организиравме скратена настава – објаснува градоначалникот Костовски.
За да ја надмине финансиската криза, топланата „Скопје-Север“ побарала наместо со гас, греењето да продолжи со мазут, но Град Скопје не дозволил, објаснуваат од општината Бутел. Поради тоа што топланите немаат филтри, а гасот е достапен на пазарот, Министерството за животна средина забранило тие да користат мазут или дизел како гориво.
Граѓаните од овие две општини велат дека студот е неподнослив и за домаќинствата. Тие редовно ги плаќаат сметките, а често се случува да имаат прекин на парното греење. Некои од нив имаат мали деца, а некои и стари и болни членови на семејствата. Тие се снаоѓаат како знаат и умеат, користат греалки, но тоа значи дека плаќаат и повисоки сметки за струја.
Утрово ЕСМ ги извести граѓаните на Скопје дека испораката на топлинска енергија тече непречено и дека така и ќе продолжи и во следниот период. За месец декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром-гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО. Компанијата продолжува со практиката за набавка на природен гас во покуси временски периоди, поради финансиски подобрите услови.
Решен е проблемот и со парното во „Скопје-Север“, соопштија од дирекцијата на ова акционерско друштво. Одборот на доверители денеска напладне му даде зелено светло на директорот Богољуб Макревски, кој е водач на стечајната постапка на матичната компанија, да потпише техничко-деловна соработка со ЕСМ.
Според нив, во текот на денот се очекува да се форматира договорот за премин на Топланата од приватно во државно управување, а во меѓувреме да се снабди со природен гас за најдоцна утре да има парно греење во подрачјето на Чаир и на Бутел.