СКОПЈЕ ОСТАНУВА ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ЗА 2028 ГОДИНА Градот е посветен да влезе во нова ера на стандарди

Почнуваме со клучни инфраструктурни промени како што се Скопско кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори - инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот, вели градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

72

Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по успешните средби во Брисел.

Заедно со министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, Ѓорѓиевски оствари значајна средба со еврокомесарот Глен Микалеф, каде ја претстави подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација, соопшти Град Скопје.






– Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И денеска можам со гордост да кажам, дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година! Како нов градоначалник ја отворам најважната страница за нашиот град, почнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство – рече Ѓорѓиевски.

Проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокиравме процесот и го насочивме кон транспарентно, професионално и законско функционирање, додаде тој.

– Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена. 2028 е моментот кога Скопје конечно ќе стане јасно присутно на европската и светската културна мапа. Поставуваме европски стандарди со силна и независна управувачка структура, меѓународен советодавен борд и професионален тим кој ќе го реализира проектот како што доликува. Почнуваме и со клучни инфраструктурни промени како што се Скопско кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот – рече Ѓорѓиевски.

Паралелно, додаде тој, го склучуваме и итниот Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе, информира скопскиот градоначалник.

Поврзани содржини