СКОПЈЕ ОДЛУЧУВА ЗА ПОБЕДНИКОТ Белградскиот весник „Политика“ објави комбинирано интервју со Заев и Мицкоски

Мицкоски на српската јавност ѝ предочи за важноста на изборите и како што вели дефинирањето на определбите на граѓаните во Македонија. Во врска со локалните избори премиерот Заев оценува дека „заедно со граѓаните во локалните средини минавме низ тешки мигови и не беше лесно да се надминат препреките и да се ослободи државата од режимот.

801

Српскиот весник „Политика“ на насловната страница го најави комбинираното интервју со премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, објавено во пресрет на вторитот круг од локалните избори во Македонија.

Мицкоски на српската јавност ѝ предочи за важноста на изборите и како што вели дефинирањето на определбите на граѓаните во Македонија.






„За Македонија ова се многу важни избори од повеќе аспекти, тие ја дефинираат определбата на граѓаните дали сакаат нешто да променат или пак ќе продолжи државата со стариот начин на работење. Пет години државата се девастира и назадува, додека во поглед на надворешните интеграции кон ЕУ немаме помрднување ниту милиметар“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски во интервју за дневниот весник „Политика“.

Мицкоски додаде дека последниот изговор е спорот со Бугарија, кој што реално е новосоздаден и не постоеше претходно во рамки и граници како сега. Тој е производ на пазарџиската политика на премиерот Заев кој им создава очекувања на Бугарите и прифаќа нешто што нема да му помине дома.

„Има огромен број на изневерени очекувања и неостварени ветувања, пред се во поглед на економијата и стандардот на граѓаните. И покрај сето ова власта поточно Заев излегува со слоган дека тој бил најдоброто за граѓаните. Затоа велам имаме избор да се продолжи по старото или конечно работите да се променат и да се тргне кон промени, проекти и победи кои ќе донесат нова иднина“, нагласи Мицкоски.

Иницијативата „Отворен Балкан“ е еден од начините на кој Србија и Северна Македонија ќе ги зајакнат долгогодишните и традиционално добри билатерални односи, вели премиерот Зоран Заев во интервју за белградска „Политика“.

„Иницијативата е резултат на силната политичка волја на Северна Македонија, Србија и Албанија и на највисокиот интерес на трите земји да ги поврземе нашите економии за дополнителен развој, за заеднички регионален пазар и негов долгорочен развој“, вели Заев.

Според Заев, се очекува предностите од тоа наскоро да се почувствуваат во буџетите на милиони семејства и во квалитетот на животот на граѓаните на двете земји.

Во врска со локалните избори премиерот оценува дека „заедно со граѓаните во локалните средини минавме низ тешки мигови и не беше лесно да се надминат препреките и да се ослободи државата од режимот“.

„Една од тие последици на режимот беше целосна зависност на општините од централната власт. Ние успеавме уште во првите две години со 50 милиони евра од централниот буџет да ги ослободиме локалните самоуправи од долговите, а со дополнителни 500 милиони евра да помогнеме над 7000 проекти во локалните заедници. И успеавме“, наведува Заев, додавајќи дека власта заедно со граѓаните гради „економски напредна земја во која растат платите, пензиите, социјалната помош, се отвораат нови работни места, со јасен план за подобра македонска и европска иднина“.

Тој изразува верување во обединување на демократскиот блок и победа во вториот круг од локалните избори в недела.

 

Поврзани содржини