Скопје нема шанса!
Фактот дека „Скопје 2014“ целосно отсуствува од оваа предизборна кампања е најдобар знак дека тоа прашање – барем за политиката – повеќе не постои. Kaputt, го нема, исчезнало… Го нема ни кај онаа „пајтон интелигенција“, уште помалку кај оние „општествено-политички работници“ префрлени на шините на „Политико“.
„Скопје има шанса!“ – се мачат да пророкуваат самопрогласените независни и „нивните“ кандидати, заборавајќи дека „имиџот“ не им е дури ни транспарентен туку е ептен проѕирен. Ги гледате како низ џам, идејно соголени и партиски оркестрирани, сите против еден со сесрдната помош на една од најступидните одлуки во историјата на македонската ДИК: за кандидат за градоначалник ви требаа само два потписи! Е па – повелете, систем на „Кондарко ујдурма“, каде секоја шупелка ќе обезбеди потписи од родителите, или од сопругата и нејзиниот швалер и ќе стане кандидат за градоначалник не само за Чешиново и Облешево, Сарај или Долнодупени, туку и за Скопје.
Па следствено ќе мора не само да ги гледате туку и да ги слушате во текот на кампањата за првиот круг и да се чудите какви ликови шетаат низ државава. Додуша, не мора тоа да го правите, ама ако навистина немате свој фаворит туку сакате некако објективно да се определите врз основа на нивните „презентации“? Лудило!
Е па затоа оние се провикнуваат дека „Скопје има шанса“ иако де факто ја нема зашто во смислената варијанта со толку кандидати гласовите ќе се распрчкаат, ќе има втор круг, а со тоа и можност за оние одамна познати купи-продај коалиции – сите насочени контра кандидатите на власта, не само во Скопје. И таквиот развој на настаните никогаш не давал добар резултат. Чист зијан. Ама „независните“ не се грижат за тоа, тие – си одработуваат!
Не знам дали оваа комбинаторика баш така лесно ќе им успее, но зачудува како таква глупост можеше да помине во онаа ДИК покрај членовите од власта. Спиеја ли, не беа ли на таа седница…? Или се толку сигурни во гласовите за нивните фаворити? Можеби, зашто треба да не го сакаш Скопје, па ни себеси, па да гласаш за оние „кандидати“ кои не знаат што да прават со себе па мислат дека ќе отепаат некоја година како градоначалници. Иако всушност – не мислат, барем овие за Скопје знаат дека тоа нема да се случи, ама ги убедиле дека некако ќе ѝ ги поматат сметките на власта, дека ќе откинат некој глас од нивниот кандидат. А „куќниот совет“ којшто ја глуми онаа сдсм (малите букви се…) и нивниот „лидер“, онака интимно залегнат во фотелјата на „Боки 13“, упорно ја продолжува својата валкана демагогија и ги турка неговите сателити – сосе оние „независни“ структури, разбира се – во пропаст. Иако, мислам дека тука се во игра и некакви пари, инаку кој би се бламирал онака во јавноста?
Како, на пример, „професорон“ со маската на диносаурус натопорена на главата, среде Скопје? Наместо да промовираат свои трудоби и/или книги бидејќи повеќето од нив одамна го поминале зенитот на таквите глупости, тие се чаталат да бидат – градоначалници. Зошто? Мислат дека ќе заработат некоја паричка плус од она што веќе го имаат? А го имаат, зашто универзитетските професорски плати сепак не се толку мали. Или им се ветени замоци во облаци, па се прелажале? Ама, сепак одамна го надминале пубертетот. Или не?
Но, ајде да речеме дека поентата – дури и кај нив – е сепак на Скопје, ако не повеќе тогаш барем како главен град на државава и состојбата во којашто се наоѓа, ни криво ни должно. Она што на прв поглед паѓа в очи е отсуството на два збора: Скопје 2014! И штама, молк по тоа прашање. Дури и од професорот, од оние „независнине“… и др. Си „легнаа на брашно“? Веројатно. А сите, од прв до последен, беа во поворките кога врескаа „Нема правда, нема мир“, кога се фрлаше боја по фасадите, кога им ракоплескаа на пазарџијана и онаа брисељанкана на нивните променади во стилот на Луј и Марија Антоанета на чело на поворките и бодрењето на демонстрантите…
Фактот дека „Скопје 2014“ целосно отсуствува од оваа предизборна кампања е најдобар знак дека тоа прашање – барем за политиката – повеќе не постои. Kaputt, го нема, исчезнало… Го нема ни кај онаа „пајтон интелигенција“, уште помалку кај оние „општествено-политички работници“ префрлени на шините на „Политико“. Ама тие таму не ги интересира тоа, се разбира. „Монд“ уште помалку. Затоа и тие молчат, иако гледаат божем сѐ. Но тоа – не!
И затоа, наспроти флоскулата дека „Скопје има шанса“, мислам дека тоа е целосно нереално и дека – Скопје нема шанса! Зашто, кога најголемиот срам на овој град од 1945 година наваму, кога најголемиот финансиски грабеж и најмонструозното нагрдување на неговото централно подрачје молкум поминуваат во проектиран заборав, каква шанса тогаш може да има за Скопје?
Или, сето ова можеби треба да ни сигнализира дека скопјани се откажаа од идеите за дефинитивно расчистување со овој мегаломанско-шизоиден „проект“? Или пак тоа, индиректно, сега им го диктираат сите кандидати за градоначалници, од позицијата и опозицијата? За власта дури и ќе најдам некакво – иако нереално – објаснување, ама за сите оние „независни“, за оние со (дури) професорски градежни дипломи, или кандидатки кои беа претседателки и на фамозната Антикорупциска комисија, којашто по дефиниција мораше да се бори со тој и таков криминал? И да се избори, се разбира.
Па тогаш, нели ви е срам, билмези едни! Барем спомнете го и најдете соодветно оправдување зошто не мислите да се впуштате во таа „авантура“. Или и вам ви се допаѓа, ама не смеете јавно да кажете? Па такви страшливци ли сте, а сакате да бидете градоначалници? Или, можеби, повеќе ви одговора – крадоначалници?!
Од друга страна, не можам, па и не сакам да игнорирам еден повик дека – „Скопје сме ние“! Ама, кои „ние“? И Данела е „ние, и Груевски е „ние“, и Шеќеринска е „ние“, па дури и оној Филипче, или Герасимовски, или Османи…? Кои сме тоа „ние“ во чие име треба да ги затвориме очите и да гласаме за еден од спомнатите кој на крај памет не му паѓа да го спомне „Скопје 2014“ како проблем на градот? Ниту пак некогаш го спомнал, како што до вчера не изустил ни збор за градските проблеми. И одеднаш – трас: тој е најдобар за градоначалник! Зошто?
Не дека јас не сакам да бидам дел од тие „НИЕ“ – па во овој град сум се родил и живеам повеќе од седум децении! – ама не знам кои други се гледаат себеси во таа „групација“. Зашто, ќе простите, ама баш сега и не морам да се мешам со коекакви превртливци кои веќе утре ќе се потпишуваат како дел од „НИЕ“. Многумина беа „НИЕ“ за дузина фолиранти викани Пенов, Костовски, Трајановски, Шилегов, Данела…, па за оној Жерновски, овој Герасимовски, за двоецот Заев-Шеќеринска…! И? Што остана од тие – „НИЕ“?!
За жал, македонското општество е незрело општество. Не се поведува по квалитетот, компетентноста, стручноста, знаењето… Напротив: кај нас „НИЕ“ подразбира партија и додека не се ослободиме од таа зависност – „НИЕ“ не постои! „НИЕ“ мораме да одлучиме кој е фаворитот кој ќе ги решава натрупаните проблеми на градот и со чија поддршка. Во спротивно – ќе ни се качи на врат нова Данела и ќе се чудиме што нѐ снашло!
Извор: Теодосиевски уметност