СКОПЈЕ ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ ДЕПОНИЈА, ТУКУ ГРАД НА РЕД, ЧИСТОТА И ВИЗИЈА Орце Ѓорѓиевски со силна порака од првата седница

На првата конститутивна седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави крај на хаосот и почеток на нова ера за главниот град со фокус на чиста животна средина, транспарентност и урбан развој.

1,302

Со симболика на нов почеток, денес беше одржана првата конститутивна седница на новиот Совет на Град Скопје, на која градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека Скопје конечно влегува во период на „работа, визија и одговорност“.

– Оваа прва седница е силна порака дека демократијата живее преку соработка и визија за подобро Скопје. Нема време за експериментирање, време е за работа. Работа веднаш – изјави Ѓорѓиевски пред советниците.






Тој порача дека новата градска управа ќе го врати Скопје на вистинскиот пат, град на чистота, ред и транспарентност.

– Скопје е срцето на Македонија. Ова е град со историја, култура и младост. Нашата мисија е да го направиме место каде младите ќе останат, семејствата ќе се развиваат, а граѓаните ќе живеат достоинствено – нагласи градоначалникот.

Ѓорѓиевски најави неколку клучни приоритети за наредниот период: модернизација на јавниот превоз и нови автобуси, уредување на сообраќајната сигнализација, безбедни улици,  континуирано чистење на градот и повеќе зелени површини и решенија за отпадот.

– Завршува времето кога Скопје беше град на депонија. Од првиот ден започнавме генерално чистење и тоа нема да трае само 72 часа. Ова не е маркетинг, ова е обврска. Граѓаните нè плаќаат за резултати, не за изговори – рече тој.

Градоначалникот истакна и дека нема да дозволи хаотична урбанизација, туку планиран развој во интерес на граѓаните.

– Тоа што го направив во Кисела Вода, ќе го направам и во целиот град. Ќе се бориме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор – порача тој.

Особен акцент стави на младите и транспарентноста.

– Младите се двигателот на секоја заедница. Ќе поддржиме нивни проекти, иновации и спорт. Градот ќе биде партнер, а не пречка. Од вчера Скопје е отворен град за сите. Граѓаните мора да знаат како се користи секој денар од буџетот – истакна градоначалникот.

На крајот, Ѓорѓиевски им се заблагодари на советниците и на скопјани за довербата.

– Очекувам Советот да биде извор на идеи, а не на поделби. Да покажеме дека знаеме да соработуваме кога станува збор за интересите на граѓаните. Заедно ќе изградиме модерен, чист и достоинствен град, Скопје какво што сите заслужуваме – рече градоначалникот.

Поврзани содржини