Скопје не е партија, Скопје сме ние

387

Професор Горан Марковски не може да ги изгуби овие избори. Ако не стане градоначалник на Скопје — губиме НИЕ.

НИЕ, кои со години констатираме дека со градот и државата раководат некомпетентни, нестручни, партиски корумпирани ликови.






НИЕ, кои во секоја пригода не пропуштаме да констатираме дека ни е потребно системско и стручно решавање и управување со проблемите.

НИЕ, кои така лесно се предадовме и ја прифативме реалноста дека нема вистински луѓе кои сакаат да се вклучат во искрена борба — таа грда реалност да почне да се менува.

Горан Марковски ни понуди избор. Го познавам со години и имам привилегија за првпат на овие избори да гласам ЗА.

Еднаш гласав на локалните избори ПРОТИВ третиот обид на Груевски да го добие Центар и еднаш на парламентарните избори во 2016 година. И во двата случаja гласав ПРОТИВ погрешните политики на тогашната власт.

Сега за првпат ќе гласам ЗА. За нешто кое го посакувам и за некого во кого верувам дека ќе се спротивстави на високата корупција, дека чесно и со стручен капацитет ќе го управува градот.

Ако не го познавате, а сте дел од групата НИЕ — потрудете се да го запознаете.

Едноставно, ПРОВЕРЕТЕ ГО што правел и во кои опшествени процеси учествувал. И само тогаш дајте го својот глас. Гласот за Горан е глас за себе, за своите принципи и своите убедувања.

Горан имаше храброст да се кандидира во сложени општествени услови (кои му се добро познати). НИЕ да имаме храброст да ја искористиме шансата и конечно да ја провериме опцијата која толку долго ја очекуваме.

Не наседнувајте на партиската пропаганда дека гласовите не треба да се расфрлаат по бројните кандидати. Напротив, имате доволно причини, а и искуство кое ве упатува на потребата на овие избори да гласате паметно.

Скопје не е партија, Скопје сме НИЕ.

Нè има многу повеќе од оние кои припаѓаат на интересни партиски групи и кои очекуваат да се вградат во управувањето со градот.

Од осамостојувањето до сега, сè што е пробано е во режија на партиите. Првиот градоначалник избран од граѓаните во 1996 година е Ристо Пенов. Првиот мандат го доби со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, вториот со поддршка на СДСМ. Трифун Костовски, носител на листа на СДСМ на парламентарните избори во 2002, стана градоначалник на Скопје во 2004 година со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа имавме чисти партиски решенија: два мандата на вмровецот Коце Трајановски. Мандати во кои проектот Скопје 2014 трајно го оштети градот, а градоначалникот се однесуваше како да не е од тука. Еден мандат потроши сдсмовецот Петре Шилегов, кој не успеа ниту една галија да извади од Вардар, иако ветуваше санација на штетите од Проектот на ВМРO.

Врвот на изборните партиски манипулации го доживеавме пред четири години кога ВМРО ја „продаде” Данела Арсовска како независен кандидат. Денес се извинува за грешката и нè убедува дека во понудата го имаат најдобриот кандидат.

Ајде на овие избори конечно да избереме независен, стручен, одговорен и чесен кандидат. Тоа да биде наш, а не нивен избор.

И сега, за разлика од нив – НИЕ нема да погрешиме.

Поврзани содржини