СКОПЈЕ, НАЈЗАГАДЕН ГРАД ВО ЕВРОПА, ЧЕТВРТ ВО СВЕТОТ! Вечерва се измерени 124,6 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички
Со одлука на Министерството за животна средина и просторно планирање од утре, среда, прекинува да важи и одлуката за бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје.
Со индекс на загаденост 187 Скопје вечерва се најде на четвртото место на листата на најзагадени светски градови на веб-страницата iqair.com. Позагадени светски градови од Скопје вечерва се Карачи, Лахор и Дака. На листата на iqair.com во првите десет најзагадени градови нема други европски градови освен Скопје.
Во Скопје вечерва се измерени 124,6 микрограми на кубен метар ПМ 2,5 честички. Најголема загаденост измериле станиците во Лисиче, Центар, Гази Баба, Ректорат и Карпош.
Денеска, пак, три дена откако стапија во сила, престанаа да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање за загаденост на воздухот во главниот град. Информацијата ја соопштија денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од каде што посочија дека епизодата од два последователни дена на надминување на прагот на ПМ 10 честички е прекината.
Oд утре, среда, прекинува да важи и одлуката за бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје. Одлуката, која беше времена, беше донесена во понеделникот, а како една од пакетот мерки на Град Скопје за намалување на загадувањето на воздухот.