СКОПЈЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРЕЕ 24 ЧАСА Граѓаните бараат, а надлежните велат ќе треба да плаќаат повеќе
Граѓани и активисти предлагаат парното во Скопје да загрева 24 часа, а за тоа тврдат дека има можност бидејќи во дел од капацитетите се произведува топлина која не се користи. Според нив такви капацитети се: Когел и Те-то чија енергија може да затоплува најголем дел од градот.
Дали скопјани може да добиваат парно греење 24 часа во денот? Граѓани и упатените во проблематиката велат дека тоа е можно бидејќи компаниите ЕСМ Енергетика и комбинираната централа Те-То произведуваат топлинска енергија 24 часа и таа може да се искористи наместо да се ослободува во воздухот. Експерти и надлежните, пак, се согласни дека, иако е невообичаено во светот, може да се обезбеди парно греење во траење од 24 часа, но под услов граѓаните да бидат подготвени да платат надоместок повисок за 5 отсто во однос на сегашниот, а компаниите, од кои едната не е на регулираниот пазар, да се согласат на ваквата обврска.
Граѓани и активисти предлагаат парното во Скопје да загрева 24 часа, а за тоа тврдат дека има можност бидејќи во дел од капацитетите се произведува топлина која не се користи. Според нив такви капацитети се: КОГЕЛ и Те-То чија енергија може да затоплува најголем дел од градот.
Зошто се дозволува топлината да оди во ветер?
Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ смета дека топлинската енергија која ја произведуваат компаниите кои работат 24 часа не смее да се испушта во воздухот, туку треба да се користи, а една од опциите е да се користи за затоплување на домовите во Скопје.
– ЕСМ Енергетика и Те-То произведуваат топлина 24 часа, колку што работат, и оваа топлина може да се искористи за продолжување на времетраењето на затоплувањето во Скопје. Со измените што ги направи ЕСМ испаѓа дека и сега сето парно е свртено кој топлината која ја произведуваат топланите и „Те-То“, а она што го произведува „Енергетика“ оди во ветер. Неразбирливо е да не се користи топлинската енергија која самите ја произведуваат, а плаќаат за енергија што им ја продава Те-То. Пресметките се дека од ЕСМ Енергетика можат да се топлат со парно цел Аеродром, Лисиче и Центар, а зошто не се користи оваа топлина може само да се претпостави – вели Ненов.
Граѓаните кои се за овој предлог велат дека искуствата од парното од таканареченото железарското парно за топлење на становите од 24 часа можат да се искористат за поширока анализа и економка оправданост на ваков проект.
– Треба да се размисли за опцијата цело Скопје да се грее 24 часа. Нашите искуства се добри, а за тоа дека цената ќе биде повисока може да се организира референдум, па да се исјасниме сите. Сега поголемиот дел од граѓаните се во нееднаква положба со оние делови од железариското парно ки останаа да се греат 24 часа. Автокоманда се приклучи на старата мрежа, а граѓаните се жалат со право бидејќи им е скратена една привилегија – вели граѓанин.
Жител на Автокоманда, пак, вели дека наместо да се подобрува снабдувањето со парно им се кратат часовите на топол дом.
– Наместо да размислуваат да испорачуваат топлина во подолг период или можеби 24 часа, тие одлучија да не приклучат на системот на поранешен БЕГ и да ни испорачуваат топлина не само пократко туку и неколку степени помалку. Не разбудам која е причината да се користи топлина на топланите, а онаа на Енергетика да оди во ветер – вели жител на Автокоманда.
Тој додава дека до 1 февруари имале парно 24 часа, а по приклучувањето на топланата „Исток“ имаат само млаки радијатори, температура во становите далеку под 20 степени, а парното се исклучува во 22 часот.
Експерти велат дека прифаќањето на ваква опција за парното во Скопје ќе значи и поскапо парно. Според нив технички е можно да се изведе.
– Затоплување на Скопје од 24 часа технички е можно, но тоа треба да го плати некој. Не е исто, на пример, да се вози кола со 50 или 70 километри на час и подолго. За тие 8 дополнителни часови за кои треба да се произведе топлина ќе се потроши повеќе гориво, а тоа ќе ја зголеми и цената можеби и за 30 отсто. Ако граѓаните се подготвени тоа да го платат може и да им се испорачува греење 24 часа. Мислам дека за тоа ќе биде потребно двете комбинирани централи да работат цела грејна сезона, а кај нив, може да се рече, топлината е нус производ и парното би било поевтино. Но сè е во пресметките и дали тие пресметки ќе бидат во прилог на граѓаните – вели професорот Ристо Цицонков.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека технички е можно да има греење од 24 часа во Скопје, но од економски аспект овој режим ќе предизвика повисоки сметки за граѓаните.
Може, но ќе мора да се плати повеќе
– Техничка можност за работа на топланите 24 часа постои, но треба да се има предвид дека секој дополнителен час на испорака на топлинска енергија ќе ја зголеми потрошувачката, што пак ќе го зголемува надоместокот за околу 5 отсто. Во однос на работата на ТЕ-ТО сакаме да потенцираме дека станува збор за енергетски капацитет кој е нерегулиран, односно нема обврска постојано да испорачува топлинска енергија, и работењето на истиот е согласно пазарните услови – велат од РКЕ.
Од ЕСМ која управува со скопското парно велат дека можат да испорачуваат парно 24 часа до сите 60.000 станови во Скопје, но опцијата е многу поскапа од законски утврдениот период од 7 до 22 часот бидејќи ќе има енормно зголемување на потрошувачката на гас. Тоа, како што додаваат од компанијата, се покажало при анализата на работењето на парното од ЕСМ Енергетика кое работеше 24 часа само за дел од Скопје.
– Доколку се продолжеше со истиот начин на работа, со овие цени на енергенсите, тоа ќе чинеше дополнителни 15 милиони евра од буџетот по грејна сезона. Тоа значи дека или сите граѓани на РСМ преку буџетот ќе плаќаат за одреден број потрошувачи да добиваат греење 24 часа, или сметките на сите потрошувачи во Скопје ќе бидат значително повисоки – велат од ЕСМ.
Оттаму појаснуваат дека е планирано ЕСМ Енергетика да ги замени со нови, старите парни котли кои немаат техничка можност за дневно гаснење.
– Котлите се градени во едно друго време и за друга намена, а тоа било снабдување со технолошка пареа на производните металуршки капацитети во комплексот Железара и од тие причини испораката на топлинска енергија преку нив со овие цени на гасот е неодржлива. Дополнително поради старата технологија, овие котли при работењето значително ја загадуваат и околината. Доколку Автокоманда останеше на греењето на Енергетика и во следните 3 месеци, тоа ќе значеше трошок повисок од 10 милиони евра за гас за работа на застарените котли во Енергетика. Овие котли сега се исклучени и другите 2. 000 потрошувачи сега добиваат греење од генераторите на КОГЕЛ во рамките на Енергетика велат од ЕСМ.
Моментно со парно во Скопје се греат вкупно 62.000 домаќинства, деловни објекти и институции. Од нив 57.500 се снабдуваат преку новоформираните фирми ЕСМ Производство, Дистрибуција и Снабдување, односно преку главната градска мрежа која претходно ја оперираше БЕГ, околу 4.000 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата на ЕСМ-Енергетика, и 500 преку топланата Скопје Север, која е исто така управувана од АД ЕСМ преку прокурист и финансирано од АД ЕСМ со буџетски средства.
Согласно актулените правила за снабдување со топлинска енергија, снабдувачот е должен да испорачува топлинска енергија од 6 до 22 часот, и во тој временски период температурата треба да биде 20+1 степен.
И Битола може да има парно од РЕК
Иницијативи за користење на топлинската енергија која се испушта при производство на поголеми капацитети во земјава кои работат 24 часа имало и порано во земјава. Дел од нив датираат повеќе од 30 години. Таква беше иницијативата, која и денеска е во опција, да се затоплува Битола со топлинската енергија произведена во производниот процес на термоелктраната во РЕК Битола. Постапката е веќе почната, но далеку е од завршување. Иницијативата е стара повеќе од 30 години, а за да се реализира, според познавачите на состојбите, потребни се дополнителни инвестиции.
– И Битола може да има греење со парно 24 часа, но под услов да биде изградена градска мрежа, која ја нема, и да има довод на гас до РЕК Битола, а и тоа уште го немаме. За непречена работа на парното ќе биде потребно да работат трите блока во РЕК за да може половина блок да работи за парното. Но во сегашни услови кога нема довод на гас до термоелектраната ќе биде потребен јаглен кој се увезува или ќе треба да се направи напор да се отвори рудникот Живојно. Значи, ќе треба да се инвестира. Што значи дека засега парното во Битола е само убава реклама – вели Спиро Мавровски, поранешен раководител во РЕК Битола.
Во минатото имаше иницијатива и Тетово да се затоплува од енергијата произведена во производството во ХЕК „Југохром“. Но досега ниту една од нив не е реализирана, не само поради високите инвестиции кои треба да се направат, туку и поради најразлични интереси.