СКОПЈЕ КУБУРИ СО АВТОБУСИ Данела објави нов оглас, се бараат превозници за линиите 9, 11 и 12

Како што во може да се погледне во овој оглас, станува збор за линиите 9, 11 и 12, за чие опслужување се потребни минимум 22 автобуси, а минималниот број на возачи е 46. Заинтересираните ќе имаат потреба од 6 резервни автобуси, како и 13 возачи, а огласот кој ќе трае до 17 јануари.

6,980

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска објави нов оглас за доделување пакет линии и за давање дозволи за линиски превоз на патници во Град Скопје, откако претходно се побараа превозници за линиите 20 и 22.

Како што во може да се погледне во овој оглас, станува збор за линиите 9, 11 и 12, за чие опслужување се потребни минимум 22 автобуси, а минималниот број на возачи е 46. Заинтересираните ќе имаат потреба од 6 резервни автобуси, како и 13 возачи, а огласот кој ќе трае до 17 јануари.






Според тоа што може да се види во огласот, на линијата 9 ќе возат заеднички и автобусите на ЈСП и на приватниот превозник што ќе биде избран, а на линиите 11 и 12, како и досега, ќе возат автобуси само на приватните превозници.

– Право на учество на јавниот оглас за доделување на пакетот линии и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје од доделениот пакет имаат превозници – правни лица и трговци поединци, поединечно или организирани како група, кои ќе ги исполнат условите утврдени во документацијата за јавниот оглас и ќе достават банкарска гаранција или ќе го уплатат гарантниот депозит за учество на јавниот оглас. Документацијата за јавниот оглас може да се подигне секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот, во просториите на Град Скопје – Сектор за сообраќај (барака број 14), на булевар Илинден број 82, со приложување доказ за уплатени неповратни средства (надоместок за подигнување на документација за јавен оглас) во износ од 4.000 денари – пишува во огласот.

Како дел од пријавата, подносителот треба да обезбеди и гаранција за учество на јавниот оглас во форма на банкарска гаранција или депонирани средства во висина од 20.000 денари.

Пријавите со потребната документација треба да се доставуваат заклучно со 17 јануари 2023 година до 12 часот, а отворањето на понудите ќе се одржи на 24 јануари во 9 часот во барака 13 во Град Скопје. Пакетот линии на избраните превозници ќе им се додели за период од две години, со можност за продолжување, но не повеќе од вкупно пет години.

Постапката за доделување на линиите и за давање дозволи за вршење линиски превоз на патници ќе ја спроведе Комисија формирана од градоначалникот, и откако ќе заврши постапката, градоначалникот ќе донесе решение за секоја линија од доделениот пакет.

Како што е веќе познато, досегашните приватни превозници преку компаниите „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ престанаа да ги опслужуваат линиите кои претходно им беа доделени, а според нив тие финансиски не можеле повеќе да го издржат товарот самите да ги покриваат трошоците, притоа додавајќи дека веќе неколку месеци ЈСП „Скопје“ им должи голема сума пари, која според нив изнесува околу 2 милиони евра.

Јавниот превоз во Скопје во моментов го опслужуваат единствено автобусите на ЈСП „Скопје“, тие не се доволни, што може да се види на терен и од изјавите на граѓаните. Патниците се принудени долго да чекаат, а кога автобусите ќе пристигнат, тие се преполни. Ова се случува особено на линиите каде што досега возеа приватните превозници.

Веќе подолго време траат проблемите во јавниот превоз во Град Скопје, кој започна со незадоволството на возачите во ЈСП „Скопје“ откако им доцнеше платата за октомври. Веднаш потоа прекинаа да возат автобусите на „Макекспрес“, со објаснување дсека повеќе немаат пари за гориво, по што Град Скопје им го раскина договорот, затоа што не ги исполниле обврските. На протестот се приклучија и превозниците од „Слобода Превоз“, кои исто така велат дека имаат побарувања од ЈСП „Скопје“ и дека финансиски не можат повеќе да издржат. Тие стапија во штрајк и ги блокираа крстосници низ Скопје, во обид да ја принудат градоначалничката Данела Арсовска да ги прими на средба на која би се нашло заедничко решение. До средба не дојде, затоа што Арсовска рече дека „не преговара со некој што уценува“.

Пред два дена превозниците побараа да ги прими премиерот Димитар Ковачевски, кој се согласи, но под услов тие да ги тргнат блокадите од улиците. Превозниците го сторија и тоа со образложение дека сакаат да му дадат шанса на дијалогот. Вчера премиерот изјави дека градскиот превоз го уредува Град Скопје, но дека тој може да се сретне со превозниците само за да се информира за постојната ситуација. Ковачевски не прецизираше кога може да се одржи таква средба.

Од Град Скопје не информираа дали веќе има заинтересирани и дали некои превозници се пријавиле на првиот јавен оглас, распишан за линиите 20 и 22. Секако, резултатите ќе бидат познати кон крајот на јануари кога се очекува да се објави изборот на новите превозници, со што се очекува градскиот превоз колку толку да се нормализира.

Поврзани содржини