СКОПЈЕ И ДРУГИТЕ ГРАДОВИ ДОБИВААТ 150 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ Мицкоски најави нови еколошки возила за јавен превоз
Набавката на 150 електрични автобуси е дел од пакет проекти за намалување на аерозагадувањето и подобрување на јавниот превоз во Македонија, со средства обезбедени преку договор со Унгарија и државниот буџет.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека Владата донела одлука за набавка на 150 електрични автобуси, во рамки на договорот „влада со влада“ што Македонија го има со Унгарија.
– Нашата цел е да обезбедиме еколошки транспорт таму каде што постои организиран јавен превоз. Токму затоа ја започнавме постапката за набавка на 150 електрични автобуси, кои користат енергија без штетно влијание врз животната средина – истакна Мицкоски.
Според премиерот, Град Скопје, кој побарал 250 автобуси, ќе добие 100 електрични возила со 50 полначи, додека другите општини со организиран јавен превоз ќе добијат 50 автобуси со 25 полначи. Дел од средствата ќе бидат обезбедени преку кредит со тригодишен грејс-период и отплата во наредните 12 години, со иста каматна стапка како и претходниот договор.
Мицкоски нагласи дека електричните автобуси се дел од поширок пакет проекти за намалување на аерозагадувањето, кој вклучува и Градскиот воз, БРТ-системот и когенерацијата, и дека тие ќе придонесат за значително подобрување на квалитетот на воздухот во градовите.
– Со ова инвестираме во чист воздух и современ јавен превоз за граѓаните, а истовремено ја следиме и европската визија за одржлива мобилност – додаде премиерот.
Постапката за набавка веќе започна, а најголемиот дел од средствата ќе бидат обезбедени преку стратешкото партнерство со Унгарија, додека помал дел ќе се покрие од државниот буџет.