СКОПЈЕ ГРАДИ НОВИ ТЕРЕНИ ЗА МЛАДИТЕ Голема инвестиција во училиштниот спорт и во здрави генерации

Скопските средни училишта добиваат нови и реконструирани спортски терени, а Градот најавува континуирани инвестиции за здрави и активни генерации.

0

Скопските средни училишта добиваат нови и обновени спортски терени, дел од големата акција на Град Скопје за унапредување на спортската инфраструктура и поттикнување на здрави навики кај младите. Градските служби интензивно работат на реконструкции и изградба на современи игралишта во повеќе училишта, со фокус на безбедност, квалитет и функционалност.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека ова е инвестиција насочена директно кон иднината на младите генерации.






– Горд сум кога нашата визија добива форма. Со силна и јасна цел да ги мотивираме средношколците да живеат здраво, ставаме огромен фокус во спортската инфраструктура. Ова е инвестиција во здрави генерации кои се темелот на нашата иднина – истакна Ѓорѓиевски.

Во моментов се работи во шест средни училишта:

– СУГС „Браќа Миладиновци“ – ново повеќенаменско игралиште,

– СУГС „Здравко Цветковски“ – терен со специјално уредени спринт-патеки,

– СУГС „Димитар Влахов“ – нови фудбалски и кошаркарски терени,

– СУГС „Кочо Рацин“ – фудбалско игралиште, терен за одбојка и реконструиран под во салата,

– СУГС „8 Септември“ – игралиште за кошарка и одбојка,

– СУГС „Ѓорѓи Димитров“ – тениско, кошаркарско и фудбалско игралиште.

Сите терени се градат со полипропиленски спортски подови од ист тип како оние користени на Летните олимписки игри во 2024 година, материјали кои обезбедуваат издржливост, професионални услови и највисок степен на безбедност за учениците.

Од Град Скопје додаваат дека инвестициите ќе продолжат и понатаму, со цел спортот да стане навика и дел од секојдневието на младите.

– Спортот е навика, дисциплина, карактер и тимска работа. Затоа континуирано ќе ја развиваме оваа инфраструктура. Скопје заслужува. А младите – повеќе од било кој – порача градоначалникот.

Поврзани содржини