СКОПЈЕ ГО СЛАВИ ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОД ФАШИСТИЧКАТА ОКУПАЦИЈА Битките од 1944 ја донесоа слободата

На 13 ноември во 1944 година борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од германската фашистичка окупација.

524

Скопје денеска одбележува 81 година од ослободувањето во Втората светска војна. Делегации од институции и организации ќе оддадат почит и ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел на Алејата на заслужните граѓани и на споменикот „Ослободители на Скопје” на платото пред владината зграда

На 13 ноември 1944 година борците од 42-та и 50-та дивизија на Народноослободителната македонска војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.






По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.

Жителите на Скопје биле сведоци на уличните борби, кои се воделе на сегашната улица „Илинденска“, кај главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и кај Старата железничка станица. Македонските борци ја спасиле хидроцентралата „Матка“ од минирање и разурнување, како и повеќе други објекти кои биле од витално значење, а невооружени цивили со својот живот го бранеле Камениот мост од разурнување. Овие настани се врежани во спомените на учесниците во борбите, кои преку сведоштва и книги ја претставуваат радоста на скопјани од ослободувањето.

Во борбите за ослободување на Скопје загинале 420 македонски борци, а вкупно за време на Втората светска војна, животите ги положиле над 4.600 скопјани. Според проценките на историчарите, во текот на војната во борбите против фашистичките окупатори, како и меѓу цивилното население, во Македонија загинале вкупно 33.000 луѓе, вклучувајќи и повеќе од 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка во Полска.

По повод 13 Ноември – Денот на ослободување на градот Скопје, собраниска делегација предводена од потпретседателката Весна Бендевска, како и делегација од Град Скопје, предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на великаните на градските гробишта, на гробот на генералот Михајло Апостолски и на споменикот на ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Традиционално, вечер на свечена церемонија во Македонската опера и балет, Градот Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“ на поединци и институции кои со својата работа придонеле за развојот и афирмацијата на главниот град.

Поврзани содржини