СКОПЈЕ ГО ОГРЕА СОНЦЕ Арсовска рече дека скопјани покажаа дека е време за промени

Се покажа дека на скопјани им е преку глава од празни ветувања, дека им е доста од политичари кои ветуваат, а ништо не остваруваат. На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за поубаво Скопје – вели Арсовска.

982

Скопје денеска го огреа сонце, денеска скопјани ја донесоа големата победа во Скопје за водство во првиот круг. Голема победа која покажува дека знаеме дека во Скопје е време за промени, рече независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска која информираше дека во првиот круг има водство од 5.300 гласа пред Петре Шилегов.

– Благодарност до сите коишто ја дадоа својата поддршка и кои го дадоа својот глас за мене и мојата програма. Благодарност и до ВМРО-ДПМНЕ, како и од Алијанса за Албанците и Алтернатива и сите останати политички партии, движења, невладини организации, меѓутоа најмногу на сите вас граѓаните на Скопје – рече Арсовска на својата прва прес-конференција по одржаниот прв круг од локалните избори.






Таа потенцираше дека овој резултат покажува дека е време за модерно Скопје и дека е време да живееме во град во којшто сите ние ќе се гордееме.

– Се покажа дека на скопјани им е преку глава од празни ветувања, дека им е доста од политичари кои ветуваат, а ништо не остваруваат. На овие избори важно беше да се обединиме и да успееме да донесеме промени за поубаво Скопје – вели Арсовска.

Таа им честиташе на освоените гласови на сите останати 10 кандидати кои влегоа во оваа изборна трка за да донесат промени во градот.

– Јас сум позитивно изненадена од неколкуте граѓански иницијативи кои станаа дел од Советот на Град Скопје и дел од скопските општини. Настапот на сите овие кандидати внесоа свежина во оваа трка и внесоа нова енергија на овие избори, а нивните програми и приоритети ќе бидат дел и од мојата работа во следните четири години како човек којшто ќе го води градот – изјави независната кандидатка.

Арсовска упати повик до сите незадоволни граѓани од работата на градските власти, да ги здружат силите и на 31 октомври да ги поразат, затоа што се покажа дека Скопје не смее да биде предмет на политика.

– Скопје мора да биде град кој ќе се развива, токму онака како што ние скопјани тоа го сакаме. Видовме што може да направи досегашниот градоначалник. Потроши четири години, а не реализираше ниту пет проценти од тоа што го вети во 2017 година. Наместо проекти видовме празни ветувања, видовме спотови и нереални 3Д анимации. Се покажа дека ниту црната кампања не поминува кај скопјани. Заедно се изборивме против лагите и манипулациите. Сега е време за промени, позитивни промени – рече Арсовска.

На новинарско прашање, на чии гласови се надева во вториот круг, дали од Камиказа, дали од Бени Шакири, Арсовска рече ќе биде градоначалник на сите граѓани на главниот град.

– Морам искрено да ви кажам, дека во оваа трка има 12 кандидати, а тоа значи дека сите сакаат промени во Градот. Јас ги повикувам сите скопјани, како што ме поддржаа во првиот круг, ги поканувам сите да ме поддржат и во вториот круг – рече Арсовска.

Поврзани содржини