📷 СКОПЈЕ Е ВО ДОСТРЕЛ НА ШЕСТ ИРАНСКИ РАКЕТИ!? Анализа покажува кои системи можат да стигнат до Балканот
Анализата на дострелот на ракетниот арсенал на Иран покажува дека најмалку шест системи имаат теоретски радиус доволен да стигнат и до Скопје доколку би биле лансирани од иранска територија.
Додека ескалира конфликтот меѓу Иран, Израел и Соединети Американски Држави, сè почесто се отвора прашањето какви последици може да има кризата и за Европа, но и за земјите од регионот. Иако Македонија е далеку од Блискиот Исток, безбедносните анализи покажуваат дека во евентуален поширок конфликт дел од европските градови, меѓу кои и Скопје, би можеле теоретски да се најдат во радиусот на дострел на иранските ракети со среден дострел.
Според анализата на ракетниот арсенал на Техеран, најмалку шест ирански ракетни системи имаат дострел доволен теоретски да го погодат и Скопје, доколку би биле лансирани од територијата на Иран. Меѓу нив се балистичките ракети Сеџил, Емад, Шахаб-3, Хорамшахр и Гадр-110, кои имаат дострел од околу 2.000 километри, како и беспилотното летало-камиказа Шахед-136, чиј максимален дострел се проценува и до 2.500 километри.
Ова значи дека во теоретски сценарио со максимален дострел, дел од југоисточна Европа би можел да се најде во потенцијалниот радиус на удар, што дополнително ги зголемува безбедносните грижи на европските земји во услови на растечки тензии на Блискиот Исток.
Техеран во својата реторика сè почесто ја споменува Европа, тврдејќи дека дел од европските земји ги поттикнале нападите врз Иран.
Иако многу западноевропски земји ги поддржаа постапките на Израел и САД, некои, како што е Шпанија, ја осудија едностраната одлука за напад, тврдејќи дека станува збор за потези што не се во согласност со меѓународното право.
Сепак, заканата од Иран за Европа сега е поголема, што го отвора прашањето колку и на кој начин Техеран може да ја загрози безбедноста на европските земји.
Арсеналот на Иран
Ракетната програма на Иран е еден од клучните столбови на воената стратегија на Техеран веќе две децении. И покрај загубите за време на конфликтот со Израел и нападите на американските и израелските сили во последните години, Иран сè уште поседува еден од најголемите и најразновидните ракетни арсенали на Блискиот Исток.
Проценките на Централна команда на САД од 2022 година покажаа дека Иран има повеќе од 3.000 балистички ракети, додека дополнителниот капацитет е претставен со крстосувачки ракети и беспилотни летала.
По кратката војна со Израел во јуни 2025 година и размената на напади во 2024 година, се проценува дека арсеналот на Иран е намален на околу 1.500 ракети и околу 200 лансери. Сепак, постојат јасни знаци дека Техеран брзо ги обновува своите залихи и развива нови системи.
Стратегијата на Иран се базира првенствено на балистички ракети со среден дострел, кои можат да носат конвенционални и потенцијално нуклеарни боеви глави. Иако Иран тврди дека нема нуклеарна програма, многу од неговите ракети се технички способни да носат такво оружје.
Меѓу најважните системи се:
Шахаб-3 – една од најпознатите ирански ракети со среден дострел со опсег од околу 1.300 километри;
Гадр – модернизирана верзија на Шахаб-3 со дострел до 1.600 километри и подобрена точност;
Емад – балистичка ракета со среден дострел од околу 1.700 километри, позната по подобрениот систем за насочување;
Сеџил – една од најнапредните ирански ракети на цврсто гориво со дострел од околу 2.000 километри, која може да се лансира значително побрзо од постарите системи на течно гориво;
Хорамшахр – ракета со долг дострел за која се проценува дека може да патува околу 2.000 километри, а со полесна боева глава веројатно и повеќе;
Ховеизе – крстосувачка ракета со дострел до 1.300 километри, дизајнирана за прецизни напади врз инфраструктура и воени бази.
Покрај тоа, Иран развива и хиперсонични ракети кои се движат со огромна брзина и ја менуваат траекторијата, што ги прави многу потешки за пресретнување од страна на ракетната одбрана.
Колку далеку можат да стигнат иранските ракети
Во 2015 година Иран воведе самонаметнато ограничување на своите ракети на дострел од 2.000 километри. Сепак, експертите предупредуваат дека Техеран може да го напушти ова ограничување во секое време, а некои системи веќе теоретски можат да летаат и подалеку.
Дострел од 2.000 километри значи дека голем дел од југоисточна Европа би можел да се најде во потенцијалниот радиус на удар.
Според проценките на западните безбедносни служби, во оваа зона спаѓаат повеќе европски градови, меѓу кои:
Скопје, Атина, Софија и Букурешт.
Поширокиот радиус опфаќа и делови од централна Европа, а во теорија би можел да ги вклучи и: Белград, Будимпешта, Виена, Братислава и Варшава.
Надворешната граница на овој опсег се протега кон Јадранското Море, опфаќајќи ја северна Италија и приближувајќи се кон источните граници на Германија.
Ракети кои можат да стигнат до Скопје
Според мапата, 6 ирански ракети имаат дострел доволен за да го покријат Скопје:
Сеџил – околу 2.000 км
Емад – околу 2.000 км
Гадр‑110 – околу 1.950 км
Шахаб‑3 – околу 2.000 км
Хорамшахр – околу 2.000 км
Шахед‑136 – до 2.500 км
Овие системи спаѓаат во категоријата балистички ракети со среден дострел, кои можат да погодат цели во југоисточна Европа, доколку се лансираат од територијата на Иран.
Ракети кои не можат да стигнат до Скопје
Другите системи прикажани на мапата имаат значително помал дострел, како што се:
Џиам‑1 – околу 800 км
Хатех‑110 – околу 300 км
Золфагар – околу 700 км
Раад‑500 – околу 500 км
Овие системи се наменети главно за цели на Блискиот Исток, а не за Европа.
Ирански „спијачи“
Експертите предупредуваат и на опасноста од напади извршени од потенцијални терористи кои веќе се на европско тло – таканаречени „спијачи“.
Германските безбедносни служби и експертите за екстремизам предупредија дека Европа би можела да се соочи со нов бран напади откако Иран издаде фатва по повод смртта на Али Хамнеи, кој беше убиен во заеднички напад на САД и Израел.
Берлин ги засили безбедносните мерки, додека американските власти истражуваат можни терористички инциденти поврзани со настанот, објави Euronews.
Фатвата е издадена на 1 март од страна на Насер Макарем Ширази, повикувајќи ги муслиманите да водат „света војна“ против САД и Израел. Во пресудата, пренесена од иранската новинска агенција Тасним, се наведува дека сите муслимани имаат обврска да се одмаздат за „крвта на мачениците“, додека Вашингтон и Тел Авив се именувани како главни виновници за смртта на Хамнеи.
Експертите предупредуваат дека новата фатва може да поттикне напади во Европа.
Истражувачот за екстремизам Хајко Хаинис вели дека постои „релативно висок ризик од спонтани напади од страна на поединци, како и активирање на таканаречени спијачки ќелии“.
Истражувачот Николаус Штокхамер смета дека фатвата делува како „катализатор“ што може да ги активира постојните мрежи на симпатизери и радикални поединци низ Европа.
Шефот на германскиот федерален полициски синдикат, Хајко Тегац, предупреди дека не е исклучено Иран да испраќа оперативци низ целиот свет за да извршуваат напади врз американски и израелски цели.
Истиот ден биле испукани истрели во боксерска сала во Ричмонд Хил, во сопственост на иранско-канадскиот дисидент Салар Голами. Иако никој не бил повреден, Голами верува дека нападот бил обид за заплашување на противниците на иранскиот режим.
Иако засега нема конкретни разузнавачки информации за непосредни планови за напади, германското Министерство за внатрешни работи наведува дека безбедносните служби се во состојба на висока готовност и внимателно ги следат случувањата.
Експертите потсетуваат дека од Исламската револуција во Иран во Европа се евидентирани повеќе од сто планирани или извршени напади поврзани со Иран.
Во исто време, британската безбедносна служба MI5 соопшти кон крајот на 2024 година дека спречила или истражила дури 20 обиди за напади поврзани со ирански актери во Обединето Кралство од 2022 година.
