СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ КОН ПЕРИФЕРИЈАТА Ѓорѓиевски бара Градот да има градежен инспекторат
Јас барам или да ми се дозволи да имам градежна инспекција, па ќе видите во пракса што значи постапување против дивоградба или државата да ги преземе од локалната самоуправа, односно да се централизира делот со инспекции, за да не си поделуваме одговорност, вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Експертски урбанистички тим ќе работи на решавање на проблемот со прекумерното градење во централното подрачје, рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека за време на неговиот мандат како градоначалник на Кисела Вода докажал дека може да се стави ред во урбанизмот и да се спречи прекумерно градење. Најави и бескомпромисна борба со дивоградбите.
– Јас мислам дека покажав како тоа во пракса изгледа со општина Кисела Вода. Прв кој што ќе го споменам е меѓународниот конкурс за Расадник, каде што требаше да има 99 згради, сега нема згради. Црниче, Пржино направете слободно проверка во секторот кај мене, откако јас сум градоначалник, нема издадено одобрение за градба со повеќе од 4 станбени едници – рече Ѓорѓиевски во гостување на телевизија 24.
Тој нагласи дека фокусот ќе биде насочен кон проширување кон периферијата на Скопје.
– Тоа ќе го одлучиме со тимот урбанисти кои ќе работат со мене. Јас не сум урбанист, но врвни имиња се вклучени околу мене кои што ќе работат на таа проблематика. Една сериозна организација ќе биде тоа, од експерти, кои што ќе помогнат да го растеретиме ова дехумано градење, особено во централното градско подрачје. Мојот концепт е градот да се шири, но во периферијата, и така ќе функционира наредните 4 години – вели Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека се спротивставува на дивоградбите и дека како градоначалник на Кисела Вода бил првиот што спровел конкретни постапки и против индивидуални и против колективни објекти.
– Треба да ги видиме ингеренциите на Град Скопје. Градот Скопје е единствена институција под локална самоуправа која што нема градежна инспекција. Јас барам или да ми се дозволи да имам градежна инспекција, па ќе видите во пракса што значи постапување против дивоградба или државата да ги преземе од локалната самоуправа, односно да се централизира делот со инспекции, за да не си поделуваме одговорност – рече тој.
Ѓорѓиевски посочи дека дел од дивоградбите се објекти во кои живеат граѓани и нагласи дека тие мора да бидат безбедни. Според него, многу од овие објекти постојат веќе 15-20 години, но тоа не ја исклучува потребата за проверка на истите. Ѓорѓиевски додаде дека, кога станува збор за нови дивоградби, би бил уште поригорозен во санкционирањето.