СКОПЈЕ ЌЕ ИМА НАЈГОЛЕМА ПЕШАЧКА ЗОНА ВО ЕВРОПА Шилегов најави инфраструктурни проекти
Шилегов вети дека Скопје за четири години ќе биде град со нови, современи и квалитетни инфраструктурни решенија градени по сите најдобри светски стандарди за квалитет.
Во Центарот на градот ја градиме најголемата пешачка зона во Европа која ќе се протега од Собрание до Палома Бјанка и од Стара Железничка до Бит пазар, рече скопскиот градоначалник и кандидат за втор мандат Петре Шилегов при презентацијата на дел од инфраструктурните проекти доколку го освои мандатот.
– Го пробиваме булевар Македонија како ултрамодерна подземна сообраќајница која завршува со модерен кружен тек кај Нова Македонија, а со една двокатна ротонда кај Нова Македонија и две двокатни ротонди од правецот на Бихаќка кон Рампа, го поврзуваме центарот на градот на оската исток запад, со што ќе се намали протокот на возилата на улиците Железничка и Кирил и Методиј – изјави Шилегов.
Тој рече дека целосно ќе биде завршен и булеварот Словенија кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на Љубљанска. Шилегов истакна дека тоа е важен коридор за комуникација на компаниите од индустриската зона Визбегово во која егзистираат околу 2.500 вработени лица, како и за сите граѓани кои патуваат кон соседно Косово.
– Ја градиме улицата Цветан Димов низ Чаир за да ја претвориме во булевар со сите аршини. Профилот на сообраќајницата ќе биде со три сообраќајни ленти во секоја насока, средишно разделно зеленило од 2 метри и велосипедска и пешачка патека во двата правци. Решението ќе вклучува и БРТ станици за оската север-југ која ќе се реализира во втора фаза, а ќе биде пропратено и со соодветна урбана опрема и лед осветлување – рече Шилегов.
Тој додаде дека Скопје за четири години ќе биде град со нови, современи и квалитетни инфраструктурни решенија градени по сите најдобри светски стандарди за квалитет.