СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ НОВ ГРАДОНАЧАЛНИК Стојаноска го најави триумфот на Ѓорѓиевски уште во првиот круг
„Нема човек во Кисела Вода што не е задоволен од Орце“, Стојаноска уверена дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ќе победи уште во првиот круг.
Во вечерашното издание на емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, гостуваше пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска. Таа говореше за актуелната политичка ситуација, како и за кандидатурата на Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноска уште на почетокот истакна дека Ѓорѓиевски е токму оној профил на личност каков што му е потребен на главниот град – човек што го симболизира трудот, чесноста и целосната посветеност кон граѓаните.
– Во однос на нашиот кандидат Орце Ѓорѓиевски, сметам дека тоа е навистина профил на личност којашто му е потребна на Градот Скопје. Изминативе четири години како градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски стана симбол на работа, посветеност, постојан контакт со граѓаните, со вистински реформи кои навистина се случија во општината. Таму нема жител кој не е задоволен од неговата работа – изјави Стојаноска.
Според неа, Ѓорѓиевски е постојано на терен, достапен за сите граѓани и човек кој ќе направи „препород за Скопје“, при што најави убедлива победа уште во првиот круг.
– Имавме и партиски анкети, телефонски и теренски, кои потврдија дека токму тој е најдобриот избор. Постојан работник, постојано на терен, достапен за сите. Ѓорѓиевски ќе донесе буквално препород за Скопје. Тој ќе нема вистинска конкуренција – победата му е загарантирана уште во првиот круг – нагласи таа.
Во контекст на обединувањето, пратеничката порача дека ВМРО-ДПМНЕ одамна повикува на заедничко делување, но дека нема со кого искрено да се обедини.
– ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година повикуваше на обединување, но прашањето е – со кого? Венко Филипче, на пример, на Советот за евроинтеграции и во вчерашното интервју кај вас, и понатаму тврди дека Преспанскиот договор бил најдоброто решение за Македонија. Вели дека за тоа се консултирал со Маричиќ, Димитров и Бујар Османи. Тоа се истите луѓе кои ѝ нанесоа најголема штета на државата. Па со кого да се обединиме? Со Филипче – де јуре лидер на опозицијата, а де факто најголемиот бугарски ас на македонската политичка сцена? – децидна беше Стојаноска.