СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ АКВАРИУМ Шилегов го најави амбициозниот проект
Изложбениот дел ќе се состои од две нивоа со галерија, каде првенствено ќе бидат искористени сите можности што ги нуди просторот и во кој ќе бидат сместени повеќе аквариуми со егзотични видови и кои ќе бидат распределени по одредени континентални области, Јужна Америка со Амазонија, тропска Африка, Азија и Австралија.
Град Скопје ќе го има првиот аквариум од градовите на поранешна Југославија. Со што овој објект ќе има и регионално влијание, односно планот е да стане една од „must see“ дестинациите при посетата во Скопје, како на наши граѓани од периферијата, така и гости од регионот, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. На овој начин самата инвестиција ќе се врати мошне брзо, а самата институција ќе егзистира и вработува нови млади научници и љубители на акваристиката и подводниот свет.
– Идејата за локацијата првенствено беше таква да се искористи постоечки објекти со што ќе се заштедат средства и ќе се оптимизираат истите за да се инвестира повеќе во содржина на аквариумот. Овој објект со децении немаше никаква намена, но од друга страна е идеален за потребите на скопскиот аквариум. Стратешки објектот е лоциран до Природно научниот музеј на Град Скопје и е во самото двориште на Скопје ЗОО – вели Шилегов.
Аквариумот има можност за независен влез и излез во зоолошката градина, со што се овозможува практичен проток на посетители. Објектот е изграден во склоп на двата споменати објекти и практично има и историско значење поради самиот комплекс на предната фасада од овој зоолошки центар, така да и природно припаѓа на целата содржина, Зоолошка, природонаучен музеј и аквариум.
– Концептот на аквариумот е таков да првенствено ќе ја задржиме целосната градба и архитектура на зградата, практично без никакви архитектонски шминки и вешто ќе ги искористиме самите капацитети кои објектот ги нуди. Долниот подрумски дел, кој е голем практично како целата зграда која ја гледаме однадвор, во еден дел ќе бидат сместени филтерските станици за прочистување, а во останатиот дел ќе биде карантин со аквариуми, во кој планираме да обезбедиме капацитети за чување на жив подводен свет, флора и фауна и еден мал дел кој ќе има истражувачки капацитет преку кој планираме да формираме тим на биолози и ихтиолози за презервација на одредени загрозени автохтони подводни видови – објаснува Шилегов.
Изложбениот дел ќе се состои од две нивоа со галерија, каде првенствено ќе бидат искористени сите можности што ги нуди просторот и во кој ќе бидат сместени повеќе аквариуми со егзотични видови и кои ќе бидат распределени по одредени континентални области, Јужна Америка со Амазонија, тропска Африка, Азија и Австралија. Аквариумите ќе бидат поделени системски на аквариуми со слатка и аквариуми со солена вода. Планираме да адаптираме идеални услови за преку 300 видови на риби, мекотели, водоземци и сл.
– Веќе имаме обезбедено контакти од неколку врвни центри од Европа, за соработка и стручна како и материјална помош од Берлински аквариум, Виена, Истанбул и т.н. со што целта ни е да се приклучиме кон глобалната идеја за конзервација и заштита на животната средина и подводниот свет. Она што најмногу не мотивираше се најмладите и децата, за кои овој објект, Скопскиот аквариум треба да претставува една од главните атракции, слично како и Дино Паркот ќе биде место каде фасцинацијата и возбудата ќе бидат на прво место. Преку тематските аквариуми децата непосредно ќе се запознаат со поинаква димензија, со што сакаме што повеќе да научат за природата и начинот како функционира подводниот свет, кои се разликите помеѓу нашите видови и оние од тропските краишта, зошто е тоа така и на крај да им дадеме покрај добрата забава и еден поинаков курс и начин на размислување. Можност да се научи повеќе и да се приближи повеќе кон природата на најнепосреден можен начин. Секако во склоп на аквариумот се предвидуваат и многу останати активности, како работилници за ученици, престој и организирање на разни детски групи, активности и соработка со разни едукативни центри од целата земја, комерцијални организирани посети од Скопје и другите градови од републиката – вели Шилегов.