СКОПЈЕ ДОБИВА НОВ ПЛАН ЗА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР Ѓорѓиевски најави конкретни мерки веднаш по изборите
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со докторите и професорите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што разговараа за проблемите и можните решенија за подобри услови во овој дел од градот.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска се сретна со докторите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и со директорите и професорите од Медицинскиот факултет.
– Имав чест да се сретнам и да испијам пријателско кафе со нашите вистински херои – докторите од Клиничкиот центар. Разговаравме искрено за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, но и за тоа како градот Скопје може да им помогне – изјави Ѓорѓиевски.
Еден од главните проблеми што биле истакнати на средбата, според Ѓорѓиевски, е недостигот на паркинг простор во околината на Клиничкиот центар – проблем кој, како што рече, „предолго се игнорира и мора итно да се реши“.
– Веднаш по преземањето на функцијата градоначалник, ќе постапиме конкретно – ќе ја регулираме состојбата со паркирањето, ќе го уредиме хортикултурно дворот на Клиничкиот центар и ќе изградиме потпорен ѕид кај Детската клиника – најави тој.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на докторите за нивната посветеност и поддршка, истакнувајќи дека Скопје заслужува да биде град со достоинствен и хуман пристап кон здравствените институции.
– Ви благодарам на поддршката и довербата. Заедно ќе изградиме достоинствено, современо и хумано Скопје – град со кој сите ќе се гордееме – порача Ѓорѓиевски во својата објава.