СКОПЈЕ ДОБИВА 80 ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОБУСИ Советниците прашуваа за секоја улица и секој проект, Ѓорѓиевски одговараше
Советот на Град Скопје ја одржа третата седница, советниците поставија прашања за сообраќај, јавен превоз и финансирање на јавните претпријатија
Советот на Град Скопје денеска ја одржа третата седница посветена на советнички прашања до градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и директорите на скопските јавни претпријатија. Советниците поставија низа прашања поврзани со сообраќајот, јавниот превоз, работењето и финансирањето на јавните претпријатија, како и со исполнувањето на обврските кон граѓаните.
На седницата беа побарани информации за заостанати плаќања во „Комунална хигиена“, долгот на Општина Кисела Вода кон ЈП „Лајка“, проблеми со чистотата и сообраќајните решенија во повеќе делови од градот. Прашања беа упатени и за модернизацијата на јавниот превоз и намалувањето на старите автобуси кои загадуваат.
Советниците побараа одговори од градоначалникот за состојбата на сообраќајните раскрсници на улиците Павел Шатев и Фредерик Шопен кај Симпо, на улицата Црниче, како и на улицата Востаничка. Дел од советниците од Левица посочија дека граѓани иницирале барања за поставување сообраќајна сигнализација, семафори или „лежечки полицајци“.
Советниците исто така поставија прашања за причините за доцнењето на исплатата на платите и регресот во „Комунална хигиена“, иако биле обезбедени дополнителни средства преку ребалансот на буџетот.
Прашања беа поставени и за модернизацијата на јавниот превоз, бројот на инспектори за контрола на нелегални горења, транспарентноста при именувањето директори во јавните претпријатија, како и за финансирањето на инфраструктурни проекти во општините Сарај и Чаир, вклучително улицата Цветан Димов и обиколницата во Сарај.
Во врска со јавниот превоз, градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе биде распишана тендерска постапка за набавка на 80 нови електрични автобуси.
– Од она што е досега постојано информирано и за јавноста, беше распишана тендерска постапка која пропадна. Верувам дека многу брзо ќе биде повторно распишана од страна на Владата, и наредната година граѓаните на Скопје конечно ќе добијат 80 нови електрични автобуси, кои ќе придонесат за подобрување на амбиенталниот воздух во главниот град – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е потребно системско решение за работењето на јавните претпријатија.
– Не треба да чекаме милостина, како што било во минатото, туку да создадеме систем кој ќе овозможи самостојно напредување на јавните претпријатија. Ќе дадам сè од себе за тоа да го реализираме – нагласи градоначалникот.
Во однос на инспекциите, Ѓорѓиевски најави зголемување на бројот на инспектори за животна средина.
– Бројката што ја имаме е мала, но тоа не значи дека не постапуваме. Контролите се вршат редовно, како во индустриските капацитети, така и во домаќинствата. Ќе продолжиме со оваа активност, но ни се потребни дополнителни инспектори – додаде тој.