СКОПЈЕ 2028 НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ САМО ПРОСЛАВА Ѓорѓиевски бара трајни промени бидејќи културата не е украс, туку мотор на градот

Титулата „европска престолнина на културата“ треба да донесе долгорочна промена, а не само една година со настани.

0

Културата мора да стане двигател на развојот на Скопје, а не само украс – ова беше главната порака што ја испрати градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на настанот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.

На собирот посветен на иднината на градот, Ѓорѓиевски порача дека титулата не смее да се сведе на една година исполнета со настани, туку треба да донесе долгорочна промена во начинот на кој се гради и живее градот.

– Што навистина значи Скопје да биде европска престолнина на културата? Дали тоа е само една година со манифестации, или можност културата да стане вистинска трансформација – двигател на урбаниот развој, извор на нова економија и основа на нов идентитет? – истакна градоначалникот.

Тој потсети дека градот има силно историско искуство на солидарност, особено по катастрофалниот Земјотресот во Скопје 1963, и нагласи дека токму таа вредност треба да се претвори во современа сила за обновување на довербата и јавниот интерес.

– Ако во 1963 година солидарноста значеше обнова на разрушениот град, денес таа треба да значи обнова на довербата, културниот живот и чувството на припадност кај граѓаните – порача тој.

Ѓорѓиевски истакна дека вистински квалитетен град не се мери само преку бројот на настани, туку преку тоа дали граѓаните сакаат да живеат во него.

– Добар град е град во кој човек сака да остане. Град во кој јавните простори се безбедни, зелени и достапни. Град во кој културата не е луксуз, туку дел од секојдневието – рече градоначалникот.

Настанот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“ отвора прашања за тоа како културата може да стане основа за урбан развој, социјална кохезија и економски раст, наместо да остане само симболична вредност.

Поврзани содржини