📷 РЕДОТ Е СЀ ПОДОЛГ Скопјани ѕемнат со часови за да се сликаат
И пасошот и личната карта требаше да ми важат до 2030 година, но еве од февруари тоа е „пу-пу“ не важи, па морам повторно да ги вадам на мој трошок. Доколку сакаше државата сите да ги промениме со новото име, требаше на нејзин трошок да го стори тоа, рече една повозрасна госпоѓа.
Веќе трет ден скопјани со часови чекаат во долги редици за да ја искористат можноста да се фотографираат за лични документи без закажување во просториите на Полициската станица „Пролет“.
Како што велат дел од нив за Плусинфо, и покрај тоа што некои пред две-три години ги обновиле личните документи, сега се принудени повторно тоа да го сторат и тоа на свој трошок.
– И пасошот и личната карта требаше да ми важат до 2030 година, но еве од февруари тоа е „пу-пу“ не важи, па морам повторно да ги вадам на мој трошок. Доколку сакаше државата сите да ги промениме со новото име, требаше на нејзин трошок да го стори тоа – ни рече една повозрасна госпоѓа.
Друг скопјанец кој веќе ги имаше завршено обврските ни изјави дека надвор чекал околу два часа, но потоа внатре било многу побрзо. Тој додаде дека за повозрасните проблем е студеното време, но дека брзаат да се сликаат пред да застуди уште повеќе.
Пунктот беше официјално отворен во средата кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР ја посети полициската станица „Пролет“.
Спасовски рече дека пунктот ќе работи од 8 до 18 часот, со можност за продолжување на работното време до 20 часот. Тој додаде дека според процените, дневно ќе бидат опслужувани 1.000 граѓани, по принципот „прв дојден, прв услужен“.
– За оваа цел во моментов имаме инсталирано 10 нови работни станици каде што можат граѓаните да се сликаат за нови лични документи. Системот е тестиран и овозможува околу илјада граѓани да бидат фотографирани – изјави Спасовски.
Министерот информираше дека на ниво на целата држава се заменети околу 1 милион и 50.000 патни исправи, околу 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи.