Скопјани шокирани од сметките за вода, Водовод смирува – пријавете колку сте потрошиле!

Водовод и канализација Скопје тврди дека нема никакво зголемување на цената на водата, а во периодот на пандемијата од ковид-19 нивните инкасанти-наплатувачи имале проблем да ги отчитуваат водомерите во становите бидејќи граѓаните не им дозволувале пристап до водомерите.

1,724

Граѓаните се жалат дека добиле високи сметки за вода и дека со месеци никој не ги чита нивните водомери. Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје тврди дека нема никакво зголемување на цената на водата, а во периодот на пандемијата од ковид-19 нивните инкасанти-наплатувачи имале проблем да ги отчитуваат водомерите во становите бидејќи граѓаните не им дозволувале пристап до водомерите. Дополнително, од Водовод апелираат граѓаните да ги користат електронските алатки или телефонски да пријават колку вода потрошиле за да им бидат точни фактурите.

Граѓаните кои добиле повисоки сметки за вода сметаат дека Водовод паушално ја пресметува потрошената вода.






– Последната сметка за вода е многу повисока од вообичаено. Не знам дали поскапе водата, но знам дека со месеци не сум видела луѓе од Водовод да го прочитаат водомерот. Си ставаат од ракав кубикажа на потрошена вода и сметките скокаат. Она што не сум го потрошила го плаќам однапред. Непримерно е секој месец човек да оди и да се жали на шалтер дека не му се совпаѓа она што го пишува во водомерот и сметката – вели постара скопјанка од општина Центар.

И други граѓани се жалат дека со месеци не ги виделе луѓето од Водовод да ги читаат водомерите, а во сметките се појавува ист износ на потрошена вода.

– Јас живеам во куќа, водомерот е во шахта, ако дошол некој да го чита морал да ја отвори шахтата. Тоа не може да мине без мое знаење. Рекоа имале далечинско читање, ама и тоа го нема. Со месеци немам видено никого да дојде да го чита водомерот, а во сметката секогаш исто потрошена вода – 10 кубици. Зарем нема месец кога сме потрошиле повеќе или помалку вода. Нели е чудно тоа – се жали друг граѓанин.

Од Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје тврдат дека и во услови на пандемија во целост ги извршуваат обврските кон корисниците, а инкасантите-наплатувачи вршат отчитување на водомерите секој втор месец. Воведени се и елекртронски услуги кои им го олеснуваат патот на корисниците за корекција на сметките и давањето точни податоци.

– Од март 2020 година им овозможивме на нашите корисници да извршат пријавување на состојбите во електронска форма. Притоа постои и можноста за телефонско пријавување на состојбата – велат од Водовод.

Оттаму информираат и дека инкасантите-наплатувачи во овој период имаат проблем со отчитување на водомерите кои се наоѓаат во становите на корисниците, бидејќи самите сопственици не дозволуваат пристап на вработените во нивниот дом.

– За таа цел нашите вработени на огласна табла во колективната станбена зграда (доколку нема огласна табла, на влезната врата), оставаат известувања со кои се повикуваат станарите да ја остават состојбата на нивниот водомер. Во самото известување вработениот впишува и датум кога ќе ги преземе состојбите. Сите наведени работи ги имплементиравме сѐ со цел, корисниците на нашите услуги да добијат фактури согласно состојбата на водомерот. Секаде каде што водомерите се наоѓаат на достапни места (колективни станбени објекти – водомерите се во сандачиња пред становите, или водомерите се наоѓаат во водомерни шахти), нивното отчитувањето се врши секој втор месец – велат од Водовод.

Од Водовод тврдат дека нема зголемување на цената на водата, а за секоја повисока сметка граѓаните можат да пријават телефонски или преку e-mail.

– Во нашите фактури, на предната страна има инфо дел, каде се наоѓаат телефонски броеви и e-mail адреси. Со контакт од страна на корисникот тој ќе добие целосен одговор на неговото прашање. Во секоја фактура корисниците на нашите услуги ја имаат информацијата за цената на услугата која ја добиваат, а ваква информација има и на нашата официјална страна www.vodovod-skopje.com.mk. Воедно во самата фактура на втората страна наведена е и состојбата на водомерот која е фактурирана. Согласно овој податок, корисникот ја има информацијата дали ЈП Водовод и канализација Скопје извршило просечно фактурирање на вода или тоа е во согласност со состојбата на водомерот (доколку се совпаѓа состојбата на водомерот од фактурата, со состојбата на водомерот) – појаснуваат од ЈП Водовод и канализација.

Поврзани содржини