Поради големиот дефект на булеварот Кочо Рацин без вода е речиси половина Скопје. Според првичните најави скопјани вода најрано ќе добијат утре изутрина. Екипите на „Водовод“ ќе работат цела ноќ.
Скопјани со вода ќе се снабдуваат од цистерни кои ќе кружат во населбите кадешто нема вода.
Цистерни со техничка вода ќе има на локациите: „Шампионче“ во Кисела Вода „Три Бисери“ во Аеродром, парк „авионче“ во Ново Лисиче и кај Градска болница во Центар, булевар Борис Трајковски, кај Тинекс во Кисела Вода.
– Требаше да се затвори затворач Ф-500 којшто е директно поврзан на 1.400, главниот довод за град Скопје. При обидот за затворање се случи хаварија, којашто доведе да дел од градот нема вода. Екипите се на терен од утрово од 7.30 часот, работиме со целата механизација. Се работи за комплицирана работа, за голем цевковод којшто тешко може да го испразните, треба внимателност бидејќи може при празнењето да се случи уште поголема хаварија и скопјани да останат без вода подолг период- вели Зоран Стојанов, директорот на секторот водовод.
Станува збор за дефект на ф500мм за чие санирање има потреба да се затвори цевка од ф1.400мм, а со тоа голем дел од град Скопје ќе има прекин на водоснабдувањето, односно населбите: Центар, Аеродром, Кисела Вода, Лисиче, Ново Лисиче, Припор, Сопиште, Ракотинци, Добри Дол, Драчево, Пинтија, Моране и Студеничани.