СЕ ВРАЌААТ МАКИТЕ НА СКОПЈАНИ Приватните превозници ги паркираа автобусите, ќе возат само попладне
Приватниците побарале да се промени цената за секој изминат километар што досега им ја исплаќаше ЈСП „Скопје“ и која изнесува 60 денари. Сега нивното побарување е цената да скокне на 90 денари, иако сметаат дека со цена од 120 денари по изминат километар ќе можат нормално да функционираат.
Скопјани утрово повторно имаа проблеми како навреме да стигнат на работа со автобус. Од вчера некаде по 14 часот, граѓаните на главниот град се соочени со големи тешкотии во движењето, откако приватните превозници решија да ги паркираат автобусите и во знак на револт да престанат со работа.
Причината за овој чекор е неодлучноста на градските власти да ја стават на дневен ред точката за зголемување на цената на поминат километар.
Превозниците велат дека се во тешка финансиска состојба и дека без зголемување на тарифата, не можат да покријат трошоците за одржување на возилата и за исплата на платите на вработените.
– Како сопственик на приватен автобус, со големо жалење констатирам дека сме доведени во ситуација каде што повеќе не ни е исплатливо да продолжиме со работа. Со години се соочуваме со големи тешкотии во врска со финансирањето на нашиот бизнис. Недостигот на средства за одржување на возилата, исплата на плати на вработените и покривање на сè поскапите трошоци за гориво и резервни делови, не оставаат простор за одржливо работење – изјави за Плусинфо еден сопственик на приватен автобус.
Како што нè информираше тој, цените на превозот се замрзнати веќе со години, додека трошоците за работење постојано растат.
Приватниците побарале да се промени цената за секој изминат километар што досега им ја исплаќаше ЈСП „Скопје“ и која изнесува 60 денари. Сега нивното побарување е цената да скокне на 90 денари, иако сметаат дека со цена од 120 денари по изминат километар ќе можат нормално да функционираат.
– И покрај бројните апели до надлежните институции, досега не добивме адекватен одговор ниту конкретно решение за решавање на нашиот проблем. Штрајкот е последна мерка, но веруваме дека тоа е единствениот начин да го привлечеме вниманието на јавноста и на надлежните институции за проблемите со кои се соочуваме – додава сопственикот.
Приватните превозници едногласно се договориле секој ден да возат само трета смена, односно по 18 часот. За време на викендот ќе возат по вообичаениот распоред, но од понеделник повторно ќе се вратат на редуциран режим на работа.
Граѓаните се вознемирени поради оваа ситуација и се жалат на големи проблеми во секојдневните активности. Ученици, студенти и работници доцнат со своите обврски, а секојдневните активности се отежнати.
– Како да не живееме во главен град, туку во некое село. Секој ден се прашувам дали ќе успеам да стигнам навреме на работа. Утринава, автобусот со број 22, кој обично е преполн, едноставно не се појави. Ова е недозволиво! Плаќаме карти за превоз, а не добиваме услуга за која плаќаме. Се чувствуваме како да сме заборавени од сите. Кога ќе се реши овој проблем со јавниот превоз? – реагира револтирана скопјанка.
Овој проблем со јавниот превоз во Скопје ги засега најмногу средношколците кои речиси секој ден доцнат на училиште.
– Пред неколку дена, линиите 45 и 23 не работеа како што треба. Професорите веќе не веруваат кога им кажуваме дека автобусите не доаѓаат. Како ученик, се чувствувам како да сме заложници на оваа ситуација. Не само што доцниме на часовите, туку и се чувствуваме како да не сме важни – вели еден средношколец.
Превозниците жалат за проблемите со кои се соочуваат скопјани, но бараат од нив да ги разберат бидејќи и тие работат за да ги прехранат своите семејства. Поради тоа истакнуваат дека нема да отстапат од своите барања и дека ќе продолжат со штрајкот сè додека нè добијат конкретен одговор од градските власти.
Тие бараат вонредна седница на Советот на Град Скопје за да се разгледа нивното барање, бидејќи редовната седница е закажана дури за 21 октомври.
Ако се продолжи со овој застанат став, главниот град ќе се соочи со вистински сообраќаен хаос и со сериозни последици врз функционирањето на сите сектори на општеството.
Одговорните во Град Скопје засега немаат дадено официјално соопштение за оваа ситуација ниту имаат преземено какви било мерки за да се реши проблемот.