СКОПЈАНЕЦ ОСОМНИЧЕН ЗА ДЕТСКА ПОРНОГРАФИЈА Чувал фотографии и видеа на телефон и на таблет

Ф.М. (27) од Скопје под истрага за дистрибуција на детска порнографија, МВР и ОЈО со заедничка акција.

1,463

Против 27-годишниот Ф.М. од Скопје е поднесена кривична пријава за „Производство и дистрибуција на детска порнографија“, потврдија Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје.

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР информираат дека пријавата е резултат на заедничка акција со германската полиција, која доставила информации за истрага во врска со сексуална злоупотреба на деца и дистрибуција на материјали преку апликацијата Телеграм.






„По утврдување на идентитетот на корисникот, со наредби од Основниот кривичен суд Скопје беше извршен претрес на домот и помошните простории на пријавениот, како и на неговите компјутерски уреди. Притоа беа пронајдени и одземени предмети и дигитални докази кои ќе бидат дел од понатамошната постапка“, соопштија од МВР.

Ф.М. е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гази Баба, а за случајот е известен јавен обвинител.

Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека веќе е донесена Наредба за спроведување истражна постапка.

„Постојат основи на сомнение дека осомничениот во подолг временски период набавувал, поседувал и разменувал фотографии и видеозаписи со детска порнографија преку различни интернет апликации, веб-страници и форуми. Материјалите биле сочувувани на негов мобилен телефон и таблет“, соопштија од Обвинителството.

Со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката, обвинителството предложи да му бидат изречени повеќе мерки на претпазливост, меѓу кои: забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа, редовно јавување во судот, забрана за користење интернет апликации и забрана за контакт со лицата со кои разменувал нелегален материјал.

Поврзани содржини