Скијачката федерација обвини за фалсификат: Циговски незаконски запишан за претседател, Пановски е легитимно избран!

Централниот регистар извршил упис на нелегитимното вонредно собрание и за нов претседател на Скијачката федерација на Македонија го запишал Огњан Циговски. Покренати се кривични пријави до надлежното обвинителство и информирани се ФИС (Меѓународната скијачка федерација), ИБУ (Меѓународната биатлон федерација), МОК (Македонскиот олимписки комитет) и други надлежни институции во Македонија.  

1,794

Шеснаесет скијачки клубови обвинуваат за фалсификување на изборот на претседател и бараат сите надлежни институции да ги преиспитаат своите одлуки во врска со попречувањето на легитимниот избор на Дејан Пановски за претседател на Скијачката федерација на Македонија (СФМ).

„Искрено жалиме што во Македонија станува правило изборите на раководни органи во спортските федерации да се редовно скандализирани. Тоа е последица на мешањето на политика во спортот, што резултира со девастиран спорт и задоволување на нечиј бизнис апетити и интереси“, велат овие клубови.






Како што наведуваат тие, на легитимното редовно собрание одржано на 02.03.2021 едногласно за нов претседател на Скијачката федерација на Македонија е избран олимпиецот Дејан Пановски, еден од нашите најтрофејни и најуспешни скијачи кој учествувал на две олимпијади и 179 меѓународни ФИС натпревари, поддржувач и вљубеник во спортот.

Следниот ден, на 03.03.2021 започнало правното насилство за попречување на легитимниот избор на Пановски.

„Преку ноќ се одржа наводно вонредно собрание, со иницијатива на осум редовни клуба доставена од Ски клубот ‘Полар’, преку Кирил Насков кој долги години работеше и како технички секретар во СФМ. Скандалот да биде уште поголем покрај фалсификувањето на документите за наводната иницијатива, покана и учество на вонредното собрание потпишана од организаторите на ова вонредно собрание прават уште една манипулација, со која во името на најстариот и најреномираниот Скијачки клуб ‘Љуботен“ од Тетово, се појавуваат поединци со нов клуб кој лажно бил претставен за правен наследник на овој славен скијачки клуб. Покрај апсолутната нелегитимност на вонредното собрание на кое учествувале само 8 од вкупно 18 скијачки клубови, редовни членови на федерацијата, наводното вонредно собрание е одржано без да се испочитуваат законските и статутарни одредби за негово свикување. И покрај сите овие нерегуларности Централниот регистар врши упис на нелегитимното вонредно собрание и за нов претседател на Скијачката федерација на Македонија го запишува Огњан Циговски. Ова лице e сопственик и директор на неколку коцкарници и обложувалници и нема допирна точка со спортското скијање. Но затоа пак стопанисува со ски центарот во Маврово и веројатно тоа му е главната препорака во политичките кругови за да биде инсталиран во Скијачката федерација на Македонија. За сите овие незаконски дејствија покренати се кривични пријави до надлежното обвинителство и информирани се ФИС (Меѓународната скијачка федерација), ИБУ (Меѓународната биатлон федерација), МОК (Македонскиот олимписки комитет) и други надлежни институции во Македонија. На жалбата до Второстепената комисија при Централниот регистар за поништување на овој скандалозен и незаконски упис на Огњан Циговски како претседател на СФМ, се потпишани 10 скијачки клубови“, се наведува во соопштението од 16-те скијачки клубови кои стојат зад изборот на Пановски.

Тие ги повикуваат надлежните државни институции уште еднаш да ги преиспитаат своите досегашни одлуки и конечно да се стават на страната правото, законите и спортот.

„Зад изборот на Дејан Пановски стојат мнозинството на скијачки клубови, кои својата поддршка писмено ја испратија до сите меѓународни скијачки спортски организации, недвосмислено потврдувајќи дека за нив спортот е пред сѐ! Ги повикуваме надлежните државни институции уште еднаш да ги преиспитаат своите досегашни одлуки и конечно да се стават на страната правото, законите и спортот. Македонското скијање не е рулет и никогаш не може да биде! Ничии бизнис интереси не можат да бидат поважни од иднината на македонскиот спорт. Ние ќе ја водиме оваа спортска и правна битка до крај. Сметаме дека е наша обврска да го заштитиме спортското скијање од скандали кои ќе ѝ нанесат долгорочна меѓународна штета на државата“, порачуваат членовите на клубовите кои го поддржуваат изборот на Пановски за претседател на Скијачката федерација на Македонија.

Поврзани содржини