Скијањето дома забрането, во регионот по повисоки цени од вообичаено
Скијачките центри и хотелските капацитети во планиските центри чекаат од Владата објаснување како да се однесуваат во овој период до почетокот на сезоната која за нив е неизвесна.
Додека во регионот ски-центрите се отвораат во декември и ќе работат за време на вообичаената зимска сезона, домашните ски-центри со одлука на Владата од 3 ноември остануваат затворени неопределен период. Граѓаните негодуваат, но ски-центрите велат дека каква ќе биде одлуката на Владата така и ќе се однесуваат. Туристичките работници се жалат дека ситуацијата со високите бројки на ковид-19 и политичката состојба со Бугарија ќе влијаат и оваа сезона да биде на нивна штета. Иако нудат попусти за престој во ски-центрите во регионот интересот на граѓаните е незначителен.
Скијачките центри и хотелските капацитети сега чекаат од Владата објаснување како да се однесуваат во овој период со сезоната која е неизвесна бидејќи не знаат до кога ќе важи одлуката за нивно затворање.
Ски-центрите велат дека и покрај тоа што се затворени од март годинава тие се подготвуваа за зимската сезона и ги објавија цените на пансионите и билетите за скијање.
– Ние сме подготвени за сезоната, ги објавивме и цените и чекаме протоколи како ќе се одвива сезоната. За одлуката на Владата сѐ уште немаме официјален допис. Зависно од тоа што ќе каже таа, така и ќе се однесуваме. Ќе ги информираме и агенциите кои продаваат наши аранжмани. Подготвени сме да најдеме заеднички јазик во однос на продадените аранжмани – велат од ЕЛЕМ турс.
Оттаму додаваат дека има интерес за престој во ски-центрите главно на скијачи и семејства со деца од Србија, Албанија и од Косово, но засега се во неизвесност.
– Затворањето и оваа сезона за нас, како и за целиот туризам во земјава ќе значи дополнително влошување во работењето – велат од ЕЛЕМ турс.
Туристичките работници се во недоумица како да се однесуваат во ваква ситуација. Имаат затворени домашни-ски-центри и понуда за странските ски-центри, но заинтересираноста на граѓаните е мала бидејќи, како што велат, тие се преплашени од бројките на новозаболените од ковид-19.
– Нашите ски-центри остануваат затворени, не се знае до кога. Иако има веќе цени за зимување, сепак не сум сигурен дали треба да ги нудиме на граѓаните. Во регионот, пак, ски-центрите се знае дека до крајот на ноември се затворени и веќе од декември ќе работат. Таква е состојбата и со големите ски-центри во Европа. Српските центри дадоа и понуда која е далеку повисока од претходните години, а за бугарските ски-центри нашите туристи ќе треба да направат и ПЦР тест што дополнително ја зголемува цената. Тука е и превозот. И покрај ова, нема голем интерес за зимување, бидејќи ситуацијата во земјава и во регионот е сложена, а граѓаните се преплашени од она што се случува – вели Дончо Нецевски од Арбо травел.
Агенцијата Савана турс веќе ги нуди како домашните така и ски-центрите од регионот.
– Имаме понуда за домашните ски центри и за оние во Србија. Засега немаме информација од домашните ски-центри да ги повлечеме понудите. Но и покрај тоа засега е незначителна заинтересираноста на граѓаните за закуп бидејќи неизвесна е ситуацијата – велат од Савана турс.
Оваа агенција нуди аранжмани за српските и за бугарски ски-центри, но велат дека ако за српските центри има надеж, за бугарските со оглед на актуелната политичка состојба и цената на ПЦР тестот што треба да го направат граѓаните кои сакаат да патуваат, немаат голема надеж.
Граѓани кои зимските викенди вообичаено одат да скијаат во Маврово и на Попова Шапка велат дека е чудно што владата носи одлука да ги затвори ски-центрите кога во овие центри нема ски-лифтови со затворени кабини и има само едноседечки или двоседечки скилифтови на кои ретко седнуваат по двајца скијачи.
– Знаете какви се нашите ски лифтови. Главно работат едноседечките и тука нема некаква грижа дека скијачите ќе можат да се заразат. За чекањето пред ски-лифтовите можат да се воведат протоколи, а хотелските капацитети и така имаат протоколи. Дополнително секој скијач си носи своја опрема, па затоа не можам да разберам во што е проблемот. Дали и на чист воздух нема да можеме да одиме оваа зима – вели граѓанин.
Српските и бугарските ски-центри веќе ги објавија цените во најголемиот дел од хотелите.
Цената за хотелите на Копаоник се движи од 25 евра по лице за апартман до 87 евра за лице зависно од хотелот. На Златибор цените се повисоки.
Според актуелните цени, за 5 ноќи во Банско, во првата недела од месец декември цените се од 67 до 234 евра, зависно од хотелот, а нашите агенции веќе нудат и попуст до 30 отсто.