СКЕНДЕР РЕЏЕПИ ПО ВТОРПАТ ПИШМАН Владата, сепак, паѓа во четврток?

Во моментов се одвиваат преговорите и голема е веројатноста утрешната седница за изгласување недоверба на владата да не биде одложена, брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.

5,778

Собраниската седница на којашто ќе се гласа за недоверба на владата, сепак, ќе се одржи утре наместо во сабота, брифираат високи извори од раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму објаснуваат дека во моментов активно се водат преговори за да се убеди пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, да прифати да го стави својот потпис на веќе поднесената иницијатива на која ќе стојат и потписите на двајцата пратеници на Левица.

Реџепи вчера го прифати предизвикот што му го постави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, а кој предвидува да се формира нова иницијатива со 20 пратеници во која ќе биде дел и самиот Скендер Реџепи, но во која нема да бидат ставени потписите на „антиалбанските“ пратеници на Левица, Борислав Крмов и Димитар Апасиев.






Но, како што брифираат нашите соговорници, токму во моментот кога Реџепи го прифатил предлогот и кога сите коцки си го нашле своето место во сложувалката, доцна синоќа се појавил нов проблем. Нашите извори од опозицијата тврдат дека власта сега се обидува преку собранискиот спикер Талат Џафери да купи време и да го оневозможи одржувањето на собраниската седница.

– Претседателот на Собранието, Талат Џафери, синоќа изјави дека не може да се поднесе нова иницијатива за гласање недоверба на владата, бидејќи, како што рече, веќе сме имале поднесено една иницијатива. Станува збор за очаен обид на власта да купи малку време и да го оневозможи одржувањето на седницата, бидејќи е свесна оти недовербата ќе биде изгласана. Но, потегот на Џафери е класично кршење на Деловникот на Собранието, па и на Уставот на Република Македонија. Во ставот 5 од членот 214 во собранискиот Деловник јасно е наведено дека „прашањето за изгласување доверба на владата може да се повлече до почетокот на седницата на Собранието, на која ќе се расправа по прашањето за доверба на владата“. Тоа значи дека ние можеме слободно да ја повлечеме иницијатицата за изгласување недоверба в четврток, а да поднесеме нова иницијатива за изгласување недоверба на владата во сабота – брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека и покрај тоа што во Деловникот јасно се прецизирани правилата, сепак, во моментов се одвиваат преговори со пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, да го даде својот глас за изгласување недоверба на владата заедно со пратениците на Левица.

– Во моментов се одвиваат преговорите и голема е веројатноста утрешната седница за изгласување недоверба на владата да не биде одложена. Власта може да продолжи да прави опструкции и да бара начини како да го одложи својот крај, но ние ќе докажеме дека мнозинството пратеници е на наша страна и дека в четврток ќе има повеќе од 61 пратеник кој ќе гласа за недоверба на владата. Преговорите се во тек и засега не е поднесена нова иницијатива за одржување собраниска седница во сабота – брифираат нашите извори.

Инаку, собранискиот спикер Талат Џафери рече дека ако еднаш се поднесе иницијатива за гласање недоверба на владата, следното поднесување може да се случи по 90 дена.

– Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање на недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба – порача Џафери за ТВ21.

Останува нејасно врз основа на кои законски одредби собранискиот спикер толкува дека не може да се повлече барањето и дека седницата мора да се одржи. Законот и Уставот се прилично јасни. Доколку пратениците денеска го повлечат прашањето за доверба на владата тие имаат право веднаш да поднесат нова иницијатива, а Џафери е должен во рок од три дена кои почнуваат од утре да закаже седница. Доколку пратениците постапката ја почнат денеска, тогаш претседателот на Собранието ќе мора седницата за гласање на доверба да ја закаже во сабота.

Поврзани содржини