Скапо тупење за „шпицниот“

Не ја разбирам оваа платена кампања за оцрнување на Мицкоски.  Кампања во невреме, кога парите се скапи, а особено ако се трошат на евтини приказни, со компромитација на медиумите. Не се ли доволни неформалните кампањи што ги водат партиските медиумски афилијации? Не вршат ли работа платените пропагандисти, тролови и ботови на социјалните мрежи? Зошто некој мора да плаќа два пати за иста валкана работа?

4,607

Што е ова, да не се закажани предвремени избори, а јас да не знам?

На улици очи бодат билборди за „шпицниот“ Мицкоски.






На телевизиите се вртат реклами на истава тема.

Пишува таму, нарачател е СДСМ.

Добро, знам дека во нашава политичка арена сите теми се легитимни.

Кај нас политиката е ковачница на страсти и темите, всушност, не се битни, а сите удари се дозволени.

Нарачател ко нарачател… Не е прв пат да гледаме црна пропаганда во режија на СДСМ. Како што сме гледале многу пати и во режија на ВМРО-ДПМНЕ и на сите други политички партии. И пак ќе гледаме.

И некој ќе рече, па што е тогаш спорно? Не знам, мене сѐ ми е спорно. Ама баш сѐ!

Веројатно наивно кризава си ја замислувам баш како една тешка и студена зима, кога куче и маче, нели, спијат заедно. И затоа тврдам дека е лицемерно политичарите да го повикуваат народот да не „хистеризира“, да се однесува домаќински и посветено да штеди, додека тие да се расфрлаат со пари за пропаганда чијашто единствена цел е да се оцрни противникот.

Не разбирам, чуму ова тупење за „шпицниот“, во време кога сме далеку од одлука за било какви избори, вонредни или редовни?

Како е ова различно од Грујовото разбирање на политиката како перманентна пропаганда?

Партиски извори велат дека само за закуп на 25 билборди за оцрнување на „шпицниот“ Мицкоски, СДСМ потрошил 16.000 евра. Владејачката партија објаснува дека парите не биле државни, туку партиски, собрани со донации и од членарина. Хм… Не се ли и донациите и членарината, во крајна линија, пари од народот? Донациите од газдите на фирмите што плачат дека струјата им е скапа и најавуваат дека ќе стават клуч на врата ако стане поскапа, членарината од членовите кои издвојуваат од тенките паричници за успех на партијата?

Не треба ли и партиските пари да се трошат одговорно и домаќински?

Дали партиите се ослободени од обврската за штедење?

Што правиме со парите потрошени за изработка на телевизиските рекламни спотови за „шпицниот“ и за закуп на време за рекламирање? Дали оваа медиумска кампања е според европските стандарди за реформите во медиумите? Што мисли на оваа тема скринингот? Може ли да се случи „душманите“ да помислат дека и ова е начин на коруптивно трансферирање партиски пари во медиумите?

Да не се разбереме погрешно…

Рекламирањето е продуктивен трошок за секоја компанија, за секој ентитет што произведува добра, пружа услуги, го гради сопствениот имиџ и бренд. Парите за таа намена секогаш се паметно потрошени.

Но, никогаш не ми било јасно што се произведува со црна пропаганда. Никогаш не сум верувал во концептот според кој ако јас те оцрнам тебе, ќе го обелам својот образ. Дури и да разбереме дека некој на нештата гледа од друг агол и верува дека ваквите кампањи даваат ефект, останува дилемата дали вреди за тоа да се фрлаат пари. Било чии пари…

Не се ли доволни отворениот и бесплатен пристап што медиумите им го овозможуваат на политичарите и нагласениот интерес на новинарите за дневната политика, за да се испратат сите политички и пропагандни пораки?

Не се ли доволни неформалните кампањи што ги водат партиските медиумски афилијации?

Не вршат ли работа платените пропагандисти, тролови и ботови на социјалните мрежи?

Зошто некој мора да плаќа два пати за истата валкана работа?

Некој ќе рече, сево ова е ситничарење, бидејќи станува збор за суми за кои не вреди да се прави муабет.

Не знам баш… Ете, мене ми боде очи и сумата од 20.500 евра буџетски пари, потрошени за набавка на свежа и замрзната риба и морски плодови. Зашто, сѐ си мислам дека во земја што произведува одлично сирење, ајвар и други видови квалитетна храна, владините служби мора да купуваат наши, македонски производи, а кој сака да „топи“ октоподи, нека си ги плати од сопствениот џеб.

И не велете „не е исто“ и „ова е демагогија“. Односот кон парите – било државни, партиски, лични, било чии… – не е демагогија, туку прашање на елементарна пристојност. Штедењето не е прашање на сумите, туку прашање на принцип.

Уметноста на домаќинлакот е во нефрлањето пари. Тоа е она кога стануваш свесен дека во домот не мора залудно да светат пет светилки, ако две вршат работа. И кога сфаќаш дека не е важно тоа што можеби си доволно богат да го поднесеш трошокот дури и ако светат десет.

Паметното рекламирање е продуктивен трошок. И затоа треба да се поттикнува. Црната пропаганда е непродуктивен трошок. Фрлени пари. Затоа треба да се обесхрабрува.

Со еден збор, штедењето е паметно трошење. А јас во оваа црна кампања не гледам баш ништо паметно. Гледам само една распојасаност и распрденост.

И не ја разбирам и битката за одржување или за освојување на власта по секоја цена, особено сега, во време кога власта сѐ помалку е сласт, а сѐ повеќе измачување на дневна основа, грижа како да се обезбедат ресурси за преживување на нацијата.

Или, можеби, пак ја идеализирам нашата pulp fiction политика?

Можно ли е сите наши приказни да се толку евтини?

Можно ли за обичните смртници борбата да е за чорба, а за нашите политички „лидери“, сепак – само за морски плодови и за октоподи?

Поврзани содржини